Делови од амазонските дождовни шуми во Бразил илегално се продаваат на Фејсбук. Заштитените области вклучуваат национални шуми и земја резервирана за домородните заедници.
Некои од парцелите што се продаваат преку услугата Фејсбук маркетплејс се големи колку 1.000 фудбалски игралишта.
„Соработуваме со локалните власти, но нема на своја рака да преземеме активности за запирање на продажбата. Нашата трговска политика бара од продавачите и купувачите да се придржуваат до законите и прописите“, соопшти Фејсбук.
Активистите велат дека властите немаат волја да ја запрат продажбата.
„Тие што го прават тоа се чувствуваат толку моќни што не им е срам да отидат на Фејсбук и да прават незаконски договори за земјиште“, изјави Иванеиде Бандеира, шефот на невладината организација „Канинде“.
Уништувањето на бразилската Амазонија е на највисоко ниво во последните 10 години, што најмногу е поттикнато од сточарската индустрија.
„Овдека не постои ризик од инспекција на државни службеници“, вели еден од продавачите, Фабрисио Гимараеш, кој бил снимен со тајна камера.
По илегалното расчистување на земјиште, за кое нема никаков сертификат, тој вели дека за него успеал да добие 35.000 долари, тројно повеќе од она што првично го барал.