Премиерот Зоран и Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски денеска го претставија планот на Владата за борба против корупција. Со овој планm како што кажаа Заев и Николовски, ќе се искорени корупцијата и ги повикаа граѓани да пријавуваат корупција на сите нивоа од институциите. Планот има за цел да спречи корупција на актуелната власт, но како што кажа Заев, и да ги открива коруптивните инсталации на режимското владеење на претходната власт.
„Овие инсталации се продрени до најситните пори на институциите, го попречуваат функционирањето на системот вклучувајќи го и правосудството. Тогашното режимско владеење ги трошеше парите на народот за да се богатат тие и партијата. Тие ја одгледуваа корупцијата, ја всадија и ја толерираа насекаде за да им биде простено за нивните злодела. Е па, нема да им биде простено, оти тоа не го правеле од незнаење туку смислено и намерно. Одлучни сме и дојдено е време во целост да ги демонтираме режимските остатоци кои го скапуваат системот, а да ги воздигнеме службите кои чесно им служат на граѓаните“, рече премиерот Заев.
Според планот на Владата, ќе се изврши целосно екипирање и дигитализација на Јавното обвинителство и истражните центри во рамките на основните јавни обвинителства. Со тоа ќе се забрза процесот на решавање на предметите, нема веќе да се чуваат предмети во фиока. Планот предвидува преку соодветни мерки да се актуелизира и примени конфискацијата на имот, а ќе се воспостави електронски систем за инспекцијата со што значително ќе се елиминира човечкиот фактор во водење на предметите.
„Целосно ќе се дигитализираат трите книги кои ги води Управата за водење на матични книги. Со тоа граѓаните електронски ќе ги добиваат изводите и документите, нема повеќе непотребно чекање на шалтери. За да се подобрат услугите на граѓаните и фирмите во полна функција се става Централниот регистар на население каде на едно место ги има сите податоци за граѓаните. На овој начин, ќе се укине процедурата за вадење на различни документи и изводи за било која постапка, институциите ќе можат да проверат, а не граѓаните постојано да вадат изводи. За оваа цел ќе се изменат 10 закони“, рече вицепремиерот Николовски.
Со планот, секоја државна институција мора да назначи овластено лице за прием на пријави од укажувачи за постоење на евентуална корупција.
„Ако било кој граѓанин не бил услужен или поради услугата која му следува бил вовлечен во корупција, тогаш службеникот детално ќе биде проверен и соодветно казнет. Граѓанинот е секогаш на прво место, а ние сме тука да му служиме. Ова мора да го разбере секој во државана администрација, од мене до локалниот писар“, рече Заев.
А. АНТЕВСКА