Над 45.000 Македонци кои поседуваат бугарски пасош се евидентирани дека живеат на иста адреса во Софија, објави „Дојче веле“ на македонски јазик, повикувајќи се на бугарската новинска агенција БГНЕС. Таа откри дека избирачкиот список на Средец, најнаселениот реон во Бугарија, има 1.000 страници со запишани 45.752 бугарски државјани кои не се од Бугарија, од кои најголем број се Македонци.
Сите „странци“ се со адреса на живеење на улицата Леге број 6, каде што е сместена локалната власт на реонот Средец.
„Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса на живеење во зградата на администрацијата на реонот“, вели градоначалник на Средец, Трајчо Трајков.
Тој додава дека во изминатиот период бројот на „станарите“ достигнал до 82.000.
„Често гледам луѓе како доаѓаат за некакви административни услуги, но гласачките ливчиња, како што било отсекогаш, ќе останат неискористени. Најголемиот број од лицата во списокот се со македонски презимиња, кои добиле бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло“, вели Трајков.
Голем број македонски граѓани по заобиколен пат, преку посредници и агенции, се обидуваат да дојдат до бугарски пасош. На социјалните мрежи има десетици страници преку кои се гарантира брзо и успешно вадење бугарски пасош и на нив секојдневно се јавуваат граѓани кои бараат информации. Посредниците за 600 до 800 евра нудат можност да се дојде до бугарски пасош, кој е виза за Европска Унија.
Од 1 јануари 2010 до 22 октомври 2020, речиси 78.000 македонски државјани поднесле барање за бугарски пасош и речиси 90 отсто од нив и го добиле. Во последните 10 години, 66.000 Македонци добиле бугарски пасош, сите врз основа на нивното бугарско потекло, откри министерката за правда Десислава Ахладова во бугарскиот парламент пред неколку месеци.