Стружанецот Стефан Нестороски веќе 6 години работи како професор по хармоника во средното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Тетово, паралелка Струга, но како хонорарец, иако има исти работни обврски и ист фонд на часови како и неговите колеги кои имаат редовен работен однос. Со договор на дело, кој му се продолжува месец за месец, работи индивидуална настава со 11 ученици.
28-годишниот професор кој дипломирал хармоника на Музичката академија „Асен Диамандиев“ во Пловдив, Бугариjа вели дека се чувствува деградирано, со месечен надомест кој е помал во споредба со професорската плата, а нема ни здравствено ни пензиско осигурување.
„Дипломата е нострифицирана на македонски јазик од Министерството за образование и наука (МОН), со звање професор по хармоника и солфеж. Во септември 2015 година, започнав со работа како хонорарен професор по хармоника и еве веќе шеста година сум на истото работно место, со ист статус, со константен полн фонд на часови. Да сте хонорарец во државна институција, поточно во мојот случај, значи неплатено и нерегулирано пензиско и здравствено осигурување, помала плата односно хонорар, во однос на вработените со регулиран работен однос, нередовно примање на истиот хонорар како и прекин на хонорарот во летните месеци додека трае распустот од учениците“, вели Стефан.
Како хонорарен професор ги извршува истите работи како и неговите колеги: подготовки, план и програма за работа на час, наставнички состаноци, состаноци со родители, натпревари и фестивали со учениците во други градови, а сето тоа со многу помали бенефиции. Бројни се и наградите кои заедно со своите ученици ги освојувал на многу државни и меѓународни натпревари. Дел е и од стручните жирија на општинските и регионалните натпревари, но ни тоа не било доволно за надлежните да го решат неговиот работен статус.
„Моето матично училиште по сите прописи и правила редовно, секоја година си поднесува барање до надлежните институции, Министерството за образование и Министерството за финансии, за трансформација на работниот однос. За жал, или нема одговор од надлежните институции или барањето е одбиено без никаков повратен одговор. Лично јас сум праќал мејлови, писма, пораки, телефонски повици до истоимените одговорни институции. Најчесто или немаше одговор, или одговорот беше: ‘Ќе се среди’“, вели Нестороски.
Неодамна назначениот директор на средното музичко училиште Новица Соколовски, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека е запознаен со случајот и вети дека ќе се заложи за конечно решавање на проблемот.
„Кратко време сум на позиција директор, но сум во тек со проблемот и ќе направиме сè што е во наша моќ да се изнајде решение. Секако дека ќе побараме од Министерството регулирање на работниот статус за конкретниот случај“, рече Соколовски.
На прашањето до каде е постапката за трансформација на работниот процес во редовен за професорот Нестороски и зошто до сега не е завршена, од Министерството за образование и наука само кусо ни одговорија дека до нив не е доставено барање за согласност за вработување во тековната учебна година.
Голем е бројот на хонорарци во државните институции кои со години се заглавени без никаков одговор.
По иницијатива на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), во 2011 е дополнет Законот за работни односи со што трансформација на работни договори од определено на неопределено време е возможна после 2 години работен стаж. Со Спогодба помеѓу СОНК, МОН, Министерството за труд и социјала и Министерството за култура, уште од 2008 се формирани Комисии за трансформација на работни договори и до март 2017 се трансформирани над 9.000 работни места во образованието. Но, во 2018 од СОН реагираа дека со промена на централната и локалните власти, овие комисии за трансформација практично и не функционираат, со што се нарушува континуитетот на трансформации на работни договори после 2 години работен стаж. Оттогаш до денес нема никакви промени на подобро.
Од Министерството за образование и наука не одговорија на нашето прашање колку лица во образовните институции работат со договор на дело и дали се планира решавање на нивниот статус?
Професорот Нестороски, иако е само еден од заглавените, не очајува, верува дека неговиот проблем мора да се реши бидејќи во целост е соодветен за работното место. Неговата професија, дипломиран хармоникаш, е многу ретка, а фондот на часови исполнет. Според најавите, следната година се планира отворање на основно музичко училиште во склоп на струшкото средно музичко. Тој вели дека ако не му се реши работниот статус, среќата ќе ја бара или во друга држава или во друга професија.
„Вака системот само те соочува со суровата реалност во која нема професионалност и почит кон професијата“, вели Нестороски.
С. ВРЕНЦОВСКА