Основниот суд Скопје 1 ја блокираше сметката на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ, постапувајќи по барањето на Специјалното јавно обвинителство во врска со случајот „Трезор“, соопштија од СЈО.
„Во текот на вчерашниот ден Судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје донесе решение со кое наложи да се запре извршувањето на финансиските трансакции на сметките на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје. Ова решение беше донесено по повод наше барање за донесување привремена мерка забрана за користење и располагање со трансакциска сметка на правното лице во случајот „Трезор“, информираа од СЈО.
Од СЈО, исто така, појаснија дека нивното барање било прецизирано согласно укажувањата на Судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, со што, како што велат, изразиле подготвеност за продлабочување на професионалната соработка со Судот.
Судот вчера првично го одби барањето на СЈО за блокирање на сметката на „Финзи“ и до СЈО достави барање „да се уреди конкретниот предлог на начин што ќе се наведат банките и трансакциските сметки на правното лице, бидејќи обвинителот во барањето изоставило да ги наведе и барањето е општо и неопределено за кои сметки и за кои банки се однесува“.
Претходно, Судот ги одби барањата на СЈО за притвор за едно лице и одземање пасоши на други три лица, кои се предмет на истрага во случајот „Трезор“.
На прес-конференцијата од 28 септември, СЈО соопшти дека покренало истражна постапка против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како ДТУ „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека станува збор за основано сомнение дека пари од буџетот преку злоупотреба на функции и злоупотреба на буџетот се искористени за лично богатење. Станува збор за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија.
Управител на фирмата ДТУ „Финзи Дооел“ бил Коста Крпач, кој бил сведок на СЈО. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април оваа година.