НЕ ДОБИВМЕ ПОМОШ ОД ЕУ ЗА ЗДРАВСТВОТО ЗАТОА ШТО СМЕ СЕ СНАШЛЕ САМИ, ВЕЛАТ ОД СЕКРЕТАРИЈАТОТ ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

    НЕ ДОБИВМЕ ПОМОШ ОД ЕУ ЗА ЗДРАВСТВОТО ЗАТОА ШТО СМЕ СЕ СНАШЛЕ САМИ, ВЕЛАТ ОД СЕКРЕТАРИЈАТОТ ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊАПомошта од ЕУ за 17 земји членки и 3 кандидати за членство е да се покријат трошоците за медицинска и заштитна опрема, превенција, следење и контрола на ширењето на болеста. (Фото: СДК.МК)

    Македонија не доби финансиска помош од солидарниот фонд на ЕУ (ФСЕУ) затоа што земјата не направи доволно расходи во здравствениот сектор во првиот бран од кризата предизвикана од ковид-19 за да се квалификува за помошта, соопшти попладнево Секретаријатот за европски прашања (СЕП), со кој раководи вицепремиерот Никола Димитров.

    Европската комисија денеска ја соопшти листата од 17 земји членки на ЕУ, плус 3 кандидати (Албанија, Србија, Црна Гора) кои треба да добијат помош од вкупно 530 милиони евра за да ги покријат трошоците за медицинска и заштитна опрема, превенција, следење и контрола на ширењето на болеста.

    Солидарниот фонд на ЕУ е создаден за обезбедување помош и поддршка во време на катастрофи, како земјотреси и поплави, а од минатата година, мандатот му беше проширен да пружа помош и во здравствени кризи.

    Од СЕП објаснуваат дека услов за да се добие помош од солидарниот фонд на ЕУ било јавните финансии да бидат оптоварени во висина од најмалку 0,3% од бруто националниот доход, што за Македонија е нешто над 30 милиони евра. Македонија во периодот од 4 месеци, откако беа воведени заштитни мерки (10 март-9 јули) потрошила 7,6 милиони евра во здравствениот сектор и со тоа, велат од СЕП, не бил достигнат минималниот праг за да се аплицира за помошта.

    „Поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат“, велат од СЕП.

    За можноста за користење на оваа помош, СЕП подготвил информација која била разгледана и усвоена на 51. седница на Владата, одржана во мај 2020 година, по што било иницирано прибирање на податоци за итните трошоци поврзани со Ковид-19, настанати на централно и локално ниво.

    „По обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори за ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, беше констатирано дека Република Северна Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на ФСЕУ“, објаснуваат од СЕП.

    Помошта од ФСЕУ нема врска со помошта од ЕУ од над 65 милиони евра, која е предвидена за закрепнување на македонската економија од кризата предизвикана од ковид-19.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира