ВО ТЕТОВО САМО ШЕСТ СТАРИ КУЌИ СЕ ЗАШТИТЕНИ ОД ДРЖАВАТА, ДРУГИ СЕ РАСПАЃААТ И МОЖАТ ДА СЕ УРНАТ ВО СЕКОЈ МОМЕНТ

    ВО ТЕТОВО САМО ШЕСТ СТАРИ КУЌИ СЕ ЗАШТИТЕНИ ОД ДРЖАВАТА, ДРУГИ СЕ РАСПАЃААТ И МОЖАТ ДА СЕ УРНАТ ВО СЕКОЈ МОМЕНТНерасчистените семејно-правни односи се најчеста причина зошто овие куќи се доведени во состојба на распаѓање. (Фото: СДК.МК)

    Ѕидовите на стара и дотраена куќа во тетовското маало Два Бреста се надвиснати над патот по кој секојдневно минуваат голем број луѓе и автомобили. Од дождовите неодамна се сруши речиси целиот покрив, а ѕидовите напрснаа и можат секој момент да се срушат. Но, оваа куќа не е единствена која се наоѓа во ваква сотојба во стариот дел од градот. Ги има и во маалата Колтук, Певчина, Горна Чаршија.

    „Пред еден месец падна покривот на оваа куќа. Слушнавме силен тресок. Делови од покривот паднаа врз еден автомобил кој тука беше паркиран. Среќа што во тој момент немаше минувачи. Еве, и ѕидовите само што не паднале. Но, не е само оваа куќа. Неколку метри понатаму уште една ваква куќа се распаѓа, а никој не интервенира“, зборува жителка на Два Бреста.

    Членовите на семејството Мисајловски, кои исто така живеат во Два Бреста, за да излезат од нивниот двор треба да поминат под дел од соседната куќа која е во фаза на распаѓање.

    Во маалото Два Бреста има неколку куќи кои претставуваат опасност по минувачите (Фото: СДК.МК)

    „Неколку пати е пријавено во изминативе години, но нема никаква реакција од службите во Општина Тетово, ниту, пак, од сопствениците. Со снегот и обилните дождови од минатиот месец состојбата на куќата е уште повеќе влошена. Може во секој момент да падне и доколку некој поминува оттаму, да го изгуби и животот“, вели Фросина Шљупковска-Мисајловска.

    Најчеста причина зошто овие куќи се доведени во состојба на распаѓање се нерасчистените семејно-правни односи на сопствениците. Куќите не можат да се продадат или поправат додека не се утврди сопственоста, а дотогаш, тие пропаѓаат.

    Од Општина Тетово велат не можат да интервенираат додека некој не пријави кај нивните служби.

    „Доколку имаме дојава од граѓаните, веднаш излегува на терен екипа од градежни инспектори. Ако тие потврдат дека навистина станува збор за куќа која претставува опасност по животот на минувачите, тогаш упатуваме известување до сопственикот на објектот дека истата треба да се сруши или санира. Доколку во определен временски рок сопственикот не го направи тоа, тогаш Општината ја руши куќата, го расчистува теренот и сметката за тоа му се доставува на сопственикот на куќата“, вели Снежана Новаковска, портпарол во Општина Тетово.

    Тетовските маала Два Бреста, Колтук и Горна Чаршија се старото јадро на градот кое го обележуваа мали трошни куќи кои најчесто биле градени при крајот на 19. и во првата половина на 20. век. Но, ниту општината, ниту граѓаните кои живеат тука немаат разбирање за значењето на овие градски маала и за традицијата. Од Музејот на тетовскиот крај велат дека во вакви ситуации се немоќни, бидејќи нивната надлежност е само врз оние објекти кои се ставени под заштита на државата.

    „Во Тетово има само шест стари куќи кои се ставени под заштита на државата, впишани уште во 1952 година. Оттогаш, друг објект не е ставен под заштита на државата. Ние немаме надлежност да се грижиме за другите стари автентични куќи, туку тоа би требало да биде надлежност на општината, па и на сопствениците, ако сакаат да се зачува старата градска архитектура. Иако многу стари куќи се срушени или целосно реновирани, добивајќи сосема нов изглед, во стариот дел од градот има уште стари карактеристични објекти кои би можеле да бидат интересни во една добро осмислена туристичка понуда на Тетово“, вели Нусрета Шмрковиќ, кустос во Музејот на тетовскиот крај.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира