СТРУГА НЕМА ДИВОГРАДБИ, АКО САКА ДРЖАВАТА НЕКА НИ ГИ ЗЕМЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ, АМА НЕ МОЖЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКО

    СТРУГА НЕМА ДИВОГРАДБИ, АКО САКА ДРЖАВАТА НЕКА НИ ГИ ЗЕМЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ, АМА НЕ МОЖЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКОГрадоначалникот Мерко тврди дека во општина Струга нема дивоградби на брегот на езерото со што не се загрозувало вредното наследство. (архивска фотографија)

    Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко вели дека Струга пред година и пол побарала од владините институции да им ги отстапи надлежностите на општината во областа на урбанизмот, во делот на издавање дозволи за градба, легализација на објекти, концесии и спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО, но Министерството за транспорт и врски одговорило дека не постои законска можност за тоа.

    Ова е одговорот на Мерко по најавите на министерката за култура Ирена Стефоска за одземање на ингеренциите на Охрид и Струга бидејќи не се грижеле за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Мерко тврди дека во општина Струга нема дивоградби на брегот на езерото со што не се загрозувало вредното наследство.

    „Ние немаме никаков проблем со заштита на природното и културното наследство, значи во целост е запазена зоната покрај езеро да нема градби во тој прилог сме одговорни и во никој случај не го загрозуваме културното и природното наследство“, вели Мерко.

    Зоран Ногачески, градоначалникот на Дебарца, општина која исто така е дел од заштитата на УНЕСКО вели дека потребни се построги мерки во заштитеното подрачје додека на останатиот дел треба да се дозволи непречен урбан развој. Во заштитениот појас на Дебарца има само една нелегална градба.

    „Проблемите и забелешките кои се однесуваат на регионот најмалку не засегаат нас , ние ги немаме проблемите кои ги имаат општина Охрид и општина Струга, кај нас се помали, меѓутоа неспорно е тоа дека треба да се имплементираат сите забелешки кои се доставени од УНЕСКО“, вели Ногачески.

    Најавите за одземање на ингеренциите на градоначалниците на Охрид и Струга доаѓаат по уривањето на ресторанот-дискотека „Парк“ на брегот на Охридското Езеро, наградувано дело на архитектот Павел Балабан од 1989, на чие место треба да се гради хотел спротивно на прописите содржани во Планот за управување со охридскиот регион.

    „Очигледно дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини“, рече министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира