Дебитантските долгометражни филмови на Георги М. Унковски, „ДЈ Ахмет“ и „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ се поддржани со по 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на последниот конкурс на Агенцијата за филм.
Унковски, чиј последен филм, краткиот „Налепница“ освои голем број награди на светски фестивали, меѓу кои и Санденс, ќе го снима филмот во продукција на „Футурасинема“, а Ѓоковиќ ќе дебитира со „Сектор филм“, соопшти Агенцијата.
Директорот Бојан Лазаревски на денешната прес-конференција кажа дека на последниот конкурс аплицирале 51 проект, од кои 33 долгометражни (играни, документарни и анимирани) и 18 краткометражни (играни, документарни и анимирани).
Ќе се снимаат и девет краткометражни играни филмови и три документарци со македонски мнозински удел како и учество во три малцински проекти. Вкупниот буџет за реализација на овие проекти изнесува 75.7 милиони денари (над 1,2 милиони евра). Резултатите се од конкурсот објавен во август минатата година, кој беше пролонгиран поради тоа што Агенцијата немаше диретор.
„Двата долгометражни филмови се разликуваат жанровски и се надеваме дека авторите ќе покажат препознатлив режисерски јазик“, вели директорот Лазаревски.
За првпат од 2008 година навака, Агенцијата на официјалната веб страница при објавата на резултатите од конкурсот не ги објави имињата на режисерите на филмовите, туку само насловот и продуцентската куќа.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша Агенцијата за филм зошто во официјално објавените резултати од конкурсот за поддржани филмски проекти во втор рок на веб страната на Агенцијата за филм не се објавени и имињата на авторите туку само на продуцентите, а оттаму ни одговорија: „Пријавените проекти од страна на продуцентските куќи се транспарентно истакнати на нашата веб страна. Поради поголем сообраќај истата денес неколку пати е надградувана со информации, очекуваме во секој момент да бидат истакнати и имињата на авторите“.
На нашето прашање дали Агенцијата за филм ја менува востановената пракса за транспарентност на податоците, велат: „Агенцијата за филм и понатаму стои позади транспарентноста на сите податоци и во секое време може да се пристапи до нив. Тоа го докажува и публикацијата ‘Факти и бројки 2020’ која беше објавена пред само неколку дена, каде транспарентно се истакнати сите активности и поддржани проекти од страна на Агенцијата за филм“.
На овој конкурс се одлучуваше и за поддршка на домашните филмски фестивали, и ќе бидат реализирани 20 фестивали меѓу кои се: Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, , ЕХО Фестивал на планински филм, Синедејс, ОДА Тетова интернатионал филм фестивал, Филозофски филмски фестивал, 47 Државен фестивал на непрофесионален филм, Џифони Македонија, Македокс, Златно тркало и други.
Од Агенцијата додаваат оти до крајот на месецов завршува рокот за аплицирање на мартовскиот конкурс за поддршка на проекти.
Б. НЕСТОРОСКА