Заменик-помошникот на Државниот секретар на САД Метју Палмер денеска телефонски разговораше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за да му ја нагласи потребата од конструктивна и вклучена опозиција, соопшти Американската амбасада во Скопје.
Палмер го охрабри Мицкоски да соработува со другите на решавање на предизвиците со кои што се соочува земјата, вклучувајќи го решавањето на разликите со Бугарија и осигурување на успешен попис, што е важна статистичка алатка за подобро владеење, додаваат од Амбасадата.
Разговорот Палмер-Мицкоски се случува три дена пред средбата Заев-Мицкоски, која е закажана за понеделник, на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопшти дека Мицкоски и Палмер разгооварале за актуелните политички и општествени случувања во земјава, како и исполнувањето на стратешките приоритети.
Од партијата велат дека од страна на претседателот Мицкоски била истакната потребата за почитување на принципите за владеење на правото и правната држава, како и неопходноста од реформи кои ќе значат одлучна борба против криминалот и корупцијата.
„Во разговорот од страна на Мицкоски беше посочено дека потребни се квалитетни решенија за престојниот попис на населението, како и конечен договор со источниот сосед, кој нема да опфати било какви национални и идентитетски отстапки, а нашиот источен сосед ќе подржи одржување на меѓувладина конференција, без дополнителни условувања, а билатералните прашања да се решаваат надвор од процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“, се вели во партиското соопштение.