Општина Битола со средства од сопствениот буџет набави четири минибуси на метан, кои ќе се користат за превоз на ученици и други граѓани.
„Во изминатиот период, со некои поинакви политики беа потрошени околу 9 милиони евра за превоз на ученици, што би значело набавка на 116 вакви минибуси. Следната недела ни пристигнува уште едно превозно средство кое покрива категорија граѓани кои во изминатиот период имаа сериозни проблеми во однос на мобилноста“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Минибусите пристигнаа пред одржувањето на седницата на Советот в понеделник, кога се носи последната одлука за формирање на регионалното јавно претпријатие за превоз на патници за Битола, Новаци и Могила, „Пелалинк“. Од Општината велат дека немаат намера да бидат конкуренција на транспортните претпријатија, туку да ги опслужат граѓаните на релации на кои нема превозни линии, на места каде што има тесни улички и во други ситуации. Таков е примерот со Буково, кое е живо село, а нема инфраструктурни услови низ него да заврти автобус.
Петровска уште во 2018 најави дека ќе обезбеди нови и еколошки возила за Битола кога дел од превозниците излегоа да протестираат и прекинаа со превоз на ученици и граѓани, незадоволни од новиот тарифник. Тогаш Општината од Петре Шилегов доби стари црвени автобуси на ЈСП „Скопје“, кои возеа само неколку дена.
Бесплатниот школски превоз за време на претходната власт создаде големи долгови од училиштата кон превозниците, кои долго време не беа исплатени. Превозот се одвиваше по различни тарифи за патниците во линискиот превоз и за учениците, а оваа локална власт направи измени учениците да можат да ги користат редовните автобуски линии и да се возат по цена како другите патници.
За случајот „Транспортер“, поврзан со злоупотреби на бесплатниот школски превоз, пред една година Основниот кривичен суд во Скопје му изрече осумгодишна затворска казна на ексградоначалникот Владимир Талески, а шест години доби поранешниот секретар на Општина Битола Слободан Бончановски. На деветмина управители на превознички фирми им беа изречени затворски казни од две до три години. Талески цела една година остана во домашен притвор, зашто се чека Апелациониот суд во Скопје да ги потврди изречените казни или да го врати предметот на повторно разгледување.
Ж. ЗДРАВКОВСКА