Протестниот марш со мото „Борбата продолжува, гласот победува” по повод 11 октомври, Денот на антифашистичкото востание на Македонија, тргна предмалку од кај просториите на СЈО.
Маршот е организиран од опозицијата и од неколку познати граѓански активисти.
Со денешниот марш, како што претходно соопштија организаторите, сакаат да испратат слободарска порака.
„Ќе маршираме за борба против сиромаштијата, за повисоки плати, за работни места, за млади кои сакаат да останат да живеат во родната земја. Да застанеме рамо до рамо сите заедно, еднакво важни, независно од каква било различност“, велат организаторите.
Од пред пред просториите на Специјалното јавно обвинителство на крстосницата на улиците Рузвелтова и Партизанска во 14 часот, маршот ќе продолжи по булеварот Партизански одреди до зградата „Тифани“, а по улицата Димитрие Чупоски ќе продолжи кон Собранието.
Пред парламентот има поставено бина и на граѓаните ќе им се обратат четворица говорници.