Папата Фрањо ги повика државите во својата традиционална велигденска порака да ја забрзаат дистрибуцијата на вакцини против ковид-19, особено за сиромашните земји и кажа дека е скандалозно да се купува оружје во време на пандемија.
Втора година по ред, тој ја одржа велигденската служба пред мал број луѓе на секундарниот олтар во базиликата Свети Петар, место пред голема маса народ во црквата и на плоштадот во Ватикан.
„Пандемијата и натаму се шири, додека економските и социјални кризи остануваат сериозни, особено за сиромашните. Она што е најскандалозно, вооружените конфликти не престанаа, а воените арсенали се зајакнуваат“, порача папата.
Место пред 100.000 луѓе на плоштадот Свети Петар, тој се обрати пред помалку од 200 присутни, додека неговата порака Urbi et Orbi (до градот и светот) беше стримувана во живо за десетици милиони луѓе низ цел свет. Плоштадот денеска беше празен, откако Италија воведе тридневен национален карантин за празниците.