Адреналинскиот парк на кејот на реката Вардар во скопската населба Карпош 4 направен со пари од Европската унија, ќе оди под закуп кај приватна фирма. Фирмата која ќе победи на јавниот повик на Општина Карпош ќе стопанисува со паркот вреден 700.000 евра и ќе наплаќа влез за посетителите.
На денешната седница на Советот на Општина Карпош беше донесе одлука за давање под закуп на овој рекреативен простор, со образложение дека на тој начин ќе биле покриени трошоците за одржување на паркот од околу 60.000 евра годишно.
„Локалната самоуправа се одлучи на овој чекор, од аспект на покривање на трошоците за одржување на адреналинскиот дел од паркот, како што се годишна цена на амортизација, материјали за одржување и опрема, меѓународна инспекција, осигурување на карти, лични приходи за вработените и слично. Во овој случај, правните лица кои се заинтересирани да го закупат на овој дел, треба да бидат регистрирани за соодветната дејност, што подразбира дека тие се одговорни за примена на безбедносните протоколи, кои ќе ги спроведат стручни лица кои ја поседуваат лиценцата EN 15567-2“, велат од кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев, додавајќи дека останатиот дел од паркот во чии рамки влегуваат двете игралишта на песок, скејт паркот, скверот и детското игралиште ќе бидат бесплатни за користење.
Средствата за изградба на паркот се обезбедени преку грант од Европската унија во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност. Грантот е околу 620.000 евра, а од буџетот на Општината за реализација на проектот се одвоени околу 80.000 евра.
Која ќе биде цената за влез, од Општината велат дека ќе се одреди кога ќе биде одбрана фирмата која ќе стопанисува со паркот.
На нашето прашање дали адреналинскиот парк смее да се дава под концесија на приватна фирма со оглед на тоа дека е правен со грант од ЕУ, ни одговорија дека таква пречка нема туку напротив тоа се предвидувало со договорот.
А. АНТЕВСКА