„ГЕОСФЕРА“ ДОНИРАШЕ 35 КАНТИ ЗА ОТПАД ЗА ГОРЕН БАИР, СО КОМУНАЛЕЦ ДОГОВОРЕНА И ЛОКАЦИЈА ОД КАДЕ СЕКОЈА СРЕДА БЕСПЛАТНО ЌЕ СЕ ПОДИГА СМЕТОТ

    „ГЕОСФЕРА“ ДОНИРАШЕ 35 КАНТИ ЗА ОТПАД ЗА ГОРЕН БАИР, СО КОМУНАЛЕЦ ДОГОВОРЕНА И ЛОКАЦИЈА ОД КАДЕ СЕКОЈА СРЕДА БЕСПЛАТНО ЌЕ СЕ ПОДИГА СМЕТОТ„Геосфера“ секој месец во текот на 2021 година ќе ги снабдува сите 35 домаќинства во Горен Баир со вреќи за отпадоци. (Фото: СДК.МК)

    Дваесетина вреќи од 120 литри со ѓубре беа собрани во еко-акцијата што ја организираше Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола, во соработка со локалното население од Горен Баир во расчистување на големата депонија кај игралиштето за фудбал во оваа населба.

    „Ова е особено значајно бидејќи поради неурбанизираниот простор на населбата, нема организирано собирање на отпадот и ѓубриштето станува сеʹ поголемо. Ѓубрето што се собра е само капка во морето, со оглед на огромното количество смет што се наоѓа таму и надминува 50 метри кубни. Целта на акцијата беше да се зголеми еколошката свест на локалното ромско население за потребата од грижа за животната средина и изнаоѓање на одржливи решенија за депонирањето на комуналниот отпад од населбата“, вели Мите Ристов од „Геосфера“.

    За време на акцијата, децата од населбата преку транспаренти упатија пораки до институциите да не ги забораваат, бидејќи тие се најмалку виновни за создаденото ѓубре, во кое за жал секојдневно си играат.
    Собраното ѓубре беше однесено на договорената локација која е одобрена од Јавното претпријатие „Комуналец“ и од каде секоја среда бесплатно ќе се подигнува отпадот кој ќе биде донесен од локалното население. Затоа, Геосфера преку проектот „А бе, го сакам Баиро чист“ започна со донација на 35 канти за ѓубре со капацитет од 120 литри, за домаќинствата кои живеат во непосредна близина на игралиштето за да се сменат навиките на луѓето и комуналниот отпад наместо на игралиштето да го доставуваат на одбраната локација. За таа цел, Геосфера секој месец во текот на 2021 година ќе ги снабдува сите 35 домаќинства со вреќи за отпадоци.

    „Со оваа акција се надеваме дека ќе започнеме промени во однесувањето на ромското население и ќе принесеме за чиста животна средина, бидејќи секој има право на живот во здрава животна средина, особено децата“, додава Ристов.

    Горниот дел од населбата Баир е неурбанизиран, дури 81 процент од патиштата се неасфалтирани, а некои поради местоположабата тешко и дека некогаш ќе добијат асфалт, голем дел од градбите се на диво подигнати. Во неасфалтираните делови не може да се пробие камионот на „Комуналец“ да го собере ѓубрето. Едно од најризичните места кои се полни со смет е каналот за прифаќање на поројните води, проектиран пред 40 години за заштита од поплави, а денес претворен во депонија, каде ѓубрето честопати се пали. Досега, јавните претпријатија во повеќе наврати имаат расчистено депонии на Баирот, но повторно се создаваат.

    Општина Битола испрати допис до Владата за овој проблем и договорено е да се одржи работна средба во Собранието со претставници од ромската заедница. Се бара системско решение за сметот и за дивоградбите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира