На денешната седница, пратениците го поминаа во прво читање предложените измени на Законот за даноците на имот, со кои се предвидува трипати повисока стапка на данокот за недвижен имот кој не се користи од страна на сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година. Законските измени, ако бидат усвоени, ќе важат за недвижен имот, како во државна, така и во приватна сопственост на физички и правни лица.
Со предложените законски измени трипати се зголемува и стапката на данокот на имот на земјоделското земјиште кое не се користи за земјоделско производство. Дополнително, во предложените измени се пропишува и дека оние кои нема да пријават дека одреден недвижен имот не го користат, ќе платат данок кој ќе биде за пет пати повисок од пропишаниот.
Пратеникот Здравко Трајанов од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кажа дека со законот ќе бидат оштетени припадниците на средната класа, на што заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, кажа дека средната класа нема по три, пет стана или четири куќи и додаде дека ако се користи станот, односно ако е издаден, тогаш тој не се оданочува со зголемени стапки.
Ковачевски рече и дека има и голем број имоти како детски одморалишта и други типови на комунални објекти кои никој не ги користи, а за кои граѓаните плаќаат одржување, обезбедување, што е само трошок за кој општините и другите институции немаат интерес да ги менаџираат. И овие имоти ќе бидат тројно оданочени ако поминат законските измени.
Стапките на данокот на имот се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20% од вредноста на имотот. Обврзникот на данокот на имот за едностанбен или повеќестанбен објект за домување и двор во кој живее има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50%.
Предложените законски измени сега одат кај матичната Комисија за финансирање и буџет, по што се враќаат на пленарна седница.