Шипките и железата од срушениот панорамски лифт во Градскиот трговски центар (ГТЦ) една година стојат на плочникот. Просторот околу кружното скалило кое е симбол на овој легендарен објект на македонската современа архитектура и обележје на Скопје, е затрупан со градежните матријали и на никого од раководството на ГТЦ не му текнува да ги тргне. Овој дел е и влез во трговскиот центар.
Директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски вели дека станува збор за многу тешки железа кои рачно не можат да ги тргнат, па треба да најдат кран.
„Ние голем дел од материјалите ги тргнавме. Побарав целиот простор да се расчисти, но речено ми беше дека се многу тешки и единствено со кран можат да се тргнат. Ние кран немаме, треба да изнајмиме, но и за тоа потребни се средства. Работиме на тоа во брзо време просторот да се ослободи“, вели Трајчевски.
Панорамскиот лифт во ГТЦ, за кој раководството кажа дека е за пристап на лица со хендикеп, почна да се гради лани во април. Веста предизвика жестоки реакции на стручната и општата јавност. Архитектите сметаат дека лифотот е дивоградба што го нагрдува архитектонското наследство. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кажа дека Општината не е задолжена да издава градежна дозвола бидејќи станува збор за пристап за инвалиди, но беше конфронтиран од тогашниот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски, кој кажа дека лифтот треба да се тргне од ГТЦ, а Општина Центар не требало да даде согласност за проектот кој бил доставен до нив, бидејќи објектот е достапен за лица со посебни потреби и без овој лифт.
По лавината реакции, на 28 мај лани лифтот кој требаше да чини 65.000 евра беше отстранет.
А. АНТЕВСКА