СРУШЕН ПАНОРАМСКИОТ ЛИФТ ВО ГТЦ, РАКОВОДСТВОТО НА ТРГОВСКИОТ ВЕЛИ ГО ПОСЛУШАЛЕ ГЛАСОТ НА ЈАВНОСТА

СРУШЕН ПАНОРАМСКИОТ ЛИФТ ВО ГТЦ, РАКОВОДСТВОТО НА ТРГОВСКИОТ ВЕЛИ ГО ПОСЛУШАЛЕ ГЛАСОТ НА ЈАВНОСТАОткако на 27 април раководството на ГТЦ ја стопираше изградбата на лифтот, по реакциите на архитектите дека е дивоградба и го сквернави еден од најважните објекти на македонската модерна архитектура, денеска е извадена железната конструкција и тој нема да се гради. (Фото: К. Попов)

Отстранет е панорамскиот лифт кој почна да се гради на влезот во Градскиот трговски центар (ГТЦ), кај вртеното скалило, кое е еден од симболите на Скопје. Откако на 27 април раководството на ГТЦ ја стопираше изградбата на лифтот, по реакциите на архитектите дека е дивоградба и го сквернави еден од најзначајните објекти на македонската модерна архитектура, денеска е извадена железната конструкција и тој нема да се гради.

Од Градскиот трговски центар за САКАМДАКАЖАМ. МК велат дека го послушале гласот и барањето на јавноста лифтот да не се гради.

„Со фирмата изведувач имаме склучено договор да им се плаќа по фази на изведба. Изведена беше првата и втората фаза, што значи ќе мора да им исплатиме околу 20 отсто од вкупната сума“, велат од раководството на ГТЦ.

За изградбата на панорамскиот лифт требаше да бидат потрошени 4 милиони денари односно 65.000 евра.

Панорамскиот лифт во ГТЦ, за кој раководството кажа дека е за пристап на лица со хендикеп, почна да се гради во април. Веста предизвика жестоки реакции на стручната и општата јавност. Архитектите сметаат дека лифотот е дивоградба што го нагрдува архитектонското наследство.  Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кажа дека Општината не е задолжена да издава градежна дозвола бидејќи станува збор за пристап за инвалиди, но беше конфронтиран од Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски, кој кажа дека лифтот треба да се тргне од ГТЦ, а Општина Центар не требало да даде согласност за проектот кој бил доставен до нив, бидејќи објектот е достапен за лица со посебни потреби и без овој лифт.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов тогаш кажа дека смета оти во ГТЦ не треба да има панорамски лифт, оти тоа е исто како и да добие барокна фасада, и дека во разговор со директорот Ѓоко Трајчевски побарал градбата да престане.

А. АНТЕВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира