ЛИФТОТ ВО ГТЦ СЕ ГРАДИ НА НАЈИДИОТСКО МЕСТО, ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ ТРЕБАЛО ДА ДАДЕ СОГЛАСНОСТ ЗА ПРОЕКТОТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ ПАНОВСКИ

    ЛИФТОТ ВО ГТЦ СЕ ГРАДИ НА НАЈИДИОТСКО МЕСТО, ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ ТРЕБАЛО ДА ДАДЕ СОГЛАСНОСТ ЗА ПРОЕКТОТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ ПАНОВСКИ„ГТЦ е пристапен за лица со посебни потреби. Изгледа некому му треба лифт точно тука и очигледно не ја согледуваме крајната идеја; - Архитектот Мартин Пановски (Фото: СДК.МК)

    За панорамскиот лифт кој почна да се гради на влезот на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје, општината не е задолжена да издава градежна дозвола бидејќи станува збор за пристап за инвалиди, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, откако стручната јавност реагираше дека се нагрдува архитектонското наследство.  Тој вели дека според законот, секој објект треба да има обезбеден пристат за лица со инвалидитет и во вакви случаи само се доставува решението до Општината, која потоа само контролира дали се градело според параметрите.

    „Од Градскиот трговски центар добивме решение дека ќе се поставува лифт за пристап на лица со посебни потреби. Не треба да се издава градежна дозвола за градба на вакви објекти“, вели градоначалникот Богдановиќ.

    Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски смета дека лифтот треба да се тргне од ГТЦ, а Општина Центар не требало да даде согласност за проектот кој бил доставен до нив, бидејќи објектот е достапен за лица со посебни потреби и без овој лифт.

    „Дали имаат добиено решение за поставување на лифт не знам. За поставување лифт за олеснување на пристап на лица со посебни потреби не е потребна градежна дозвола, но е потребно да се поднесе проект и да се добие согласност од Општината. Доколку постои такво решение, референтите во Општина Центар не требало го издадат бидејќи ГТЦ веќе е пристапен за лица со посебни потреби. Објектот и да не е пристапен, а è, референтите требало да оценат дека лифтот е поставен на најидиотското можно место и да го вратат проектот за да се најде ново решение. Но, изгледа некому му треба лифт точно тука и очигледно не ја согледуваме крајната идеја. Сепак станува збор за тераси, јавен простор во епицентар на главен град на држава, кој најверојатно некој сака да го зграби. Друго логично објаснување би било дека станува збор за некадарни игноранти“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Мартин Пановски.

    Лифтот, кој се гради кај кружното скалило кое е симбол на овој легендарен објект на македонската современа архитектура и обележје на Скопје, дело на архитектот Живко Поповски, ќе чини 65.000 евра. Директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски ни изјави дека панорамскиот лифт нема да ги наруши изгледот на ГТЦ, напротив ќе бил многу убав и ќе му дал развој на објектот.

    „Пред пет години роденденска желба ми била да помине референдумот за ГТЦ. Дури и торта добив со контура од рампите на ГТЦ. Тогаш не ми се исполни желбата, но некако се спаси ГТЦ. Сега после 5 години, желба ми е, не, не ми е да го тргнат лифтот од ГТЦ, туку да се тргнат. Сите да се тргнат од сѐ, не само од ГТЦ. Да се тргнат од идејата дека архитектурата е куп градежен материјал со кој располагаат и кој нема никакво значење, никаква вредност освен материјална и дека може да си додаваат и одземаат делови како што им треба или уште полошо, како им се сака. Тргнете се од архитектурата, ‘ГТЦ АД Скопје’ тргнете го лифтот!“, вели Пановски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира