Директорот на Државниот архив Филип Петровски е предвреме избран за виш научен соработник на Институтот за национална историја.
Во Законот за високо образование пишува дека за виш научен соработник
може да биде избрано лице кое има научен степен доктор на науки од научната област во која се избира, но Петровски е доктор на политички науки и нема магистрирано и дипломирано на историски науки.
Покрај овој услов, во Законот за избор на виш научен соработник се бара кандидатот да има објавено најмалку пет научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или три научни труда во научно списание со импакт фактор во последните пет години, учество во научноистражувачкипроекти, односно значајни достигнувања во примената на научноистражувачките резултати.
Рецензентската комисија на Институтот и покрај тоа што Петровски не доаѓа од областа во која се избира констатирала дека тој може да биде избран за виш научен соработник.
Во билтенот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј од 14 октомври стои: „Со Одлука бр. 02-283/4 на Советот на ЈНУ Институт за национална историја бевме избрани за членови во Комисија за предвремен избор во научното звање виш научен соработник на доц. д-р Филип Петровски во состав: проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, проф. д-р Вера Гошева и проф. д-р Ленина Жила“. Во извештајот пишува дека рецезентската комисијата по разгледување на материјалите, констатирала дека кандидатот д-р Филип Петровски ги исполнува општите и посебните услови од конкурсот.
„Врз основа на целосно презентираниот негов наученоистражувачки и стручен ангажман, може да се констатира дека станува збор за посветен истражувач од областа на поновата македонска историја и архивистика. Тој умее да работи самостојно, аналитички да ги проследува аргументите и на високо професионално ниво да донесува соодветни заклучоци“, стои во заклучокот на Комисијата.
Филип Петровски во 2010 година станал доктор по политички науки, а во 2012 година е избран за доцент од областа на политичките науки по наставните предмети Југоисточна Европа во трансатланските односи и современа политичка историја на Македонија на Факултетот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје.
Во неговата политичка кариера е запишано дека бил претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од 1997 до 2000 година. Во 2011 година ја формираше партијата Демократска десница. Во 2012 година беше соопштено дека целата партија заедно со него се враќа во ВМРО-ДПМНЕ.