ОПШТИНА АЕРОДРОМ НА ОГЛАС ЌЕ БИРА ЧЛЕНОВИ НА УПРАВЕН И НАДЗОРЕН ОДБОР ЗА НОВОТО ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ

    ОПШТИНА АЕРОДРОМ НА ОГЛАС ЌЕ БИРА ЧЛЕНОВИ НА УПРАВЕН И НАДЗОРЕН ОДБОР ЗА НОВОТО ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕОд Општината велат дека на огласот можат да конкурираат сите граѓани и ќе бидат избрани афирмирани и познати стручни лица.(Фото:СДК.МК)

    Општина Аеродром објави оглас за избор на членови на Управен и Надзорен одбор на новото јавно претпријатие за развојни проекти. Од Општината велат дека на огласот можат да конкурираат сите граѓани и ќе бидат избрани афирмирани и познати стручни лица.

    „ За првпат во Македонија членовите на Управниот и на Надзорниот одбор на едно јавно претпријатие се избираат транспарентно на конкурс, на кој може да се пријави секој што ги исполнува потребните услови. Двете раководни тела на ова претпријатие ќе бројат по пет члена. Членовите ќе бидат избрани согласно со соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници“, вели градоначалникот Златко Марин.

    Градоначалникот додава дека на почетокот членовите на овие две управувачки тела, како и извршниот директор нема да имаат никакви приходи за менаџирањето на претпријатието, односно работењето ќе биде на доброволна основа, сè додека претпријатието не почне да остварува приходи врз основа на реализирани проекти.

    Општина Аеродром го формираше новото јавно претпријатие пред два месеци а за в.д. директор е назначен Владимир Стевков. Тоа ќе почне официјално да работи откако ќе бидат избрани членови на Управен и Надзорен одбор.

    Секој кандидат треба да има минимум три години работно искуство, да е државјанин на Македонија, да е жител на Општина Аеродром, да има завршено соодветно образование, да познава англиски јазик и да нема казна или прекршочна санкција забрана за вршење дејност, професија или должност. Притоа, секој кандидат треба да достави своја биографија и мотивациско писмо. Идниот состав на двете тела ќе го избере Советот на Општина Аеродром.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира