Четворица македонски уметници, Ѓорѓе Јовановиќ, Нада Прља, Христина Иваноска и Јане Чаловски, учествуваат на групната изложба „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ (5 мај-12 септември) во престижниот Национален музеј на уметностите на 21. век – MAXXI во Рим.
Прашањето со кое се занимава групната изложба под кураторство на Зденка Бадовинац од Словенија е „Дали социјалистичкото наследство може да помогне во обновување на концептот на ‘јавното добро’, на просторот на сложената територија што неодамна ја претрпе драмата на граѓанската војна и подемот на национализмот наспроти мултиетничката припадност што го карактеризира овој регион како и економската криза која влијаеше на цела Европа?“.
Јовановиќ учествува со делото „Протестен споменик“, Прља со „Што ќе се случи ако успееме?“ (What Would Happen if We Succeed?), Иваноска со делата „ Именување на мосото: Роса Плавева и Накие Бајрам“ (Naming the Bridge: Rosa Plaveva and Nakie Bajram) и „Документ што недостига н.2“ (Document missing, n. 2), а Чаловски со делото „Недисциплинирана изградба на архив“ (Undisciplined Construction of an Archive).
Над 50 уметници меѓу кои и Марина Абрамовиќ, Сања Ивековиќ, ИРВИН, Желимир Жилник, Давид Маљковиќ, Марјетица Потрч, Милица Томиќ, Марта Попивода и Ана Вујановиќ, Младен Стилиновиќ ја препрочитуваат историјата на регионот преку гестовите на современите херои, поттикнувајќи нови и значајни размислувања за темите на гостопримството и соживотот.
Изложбата „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ претставува ново поглавје во програмата на Музејот, која преку редица истражувања посветени на Блискиот исток и Медитеранот, се занимава и со уметничките ферментирања на авторите од земјите од поранешна Југославија со специфичен клуч на интерпретација.