Само за да се вдоми сопругот на заменик министерката за правда Билјана Бришковски Бошковска, Дејан Бошковски, директор во ЕЛЕМ, точката за распуштање на Собранието се поместува од втора на шеста точка.
Со вакви обвинувања настапи денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ Ѓорѓи Сугарески, кој пред изгласувањето на дневниот ред, побара денеска Собранието да се распушти веднаш, а не да се дополнува со точки за вдомување кадри на ВМРО ДПМНЕ.
Дејан Бошковски, сопругот на заменичката за правда, е предложен на функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика. Опозицијата предупреди дека тој не ги исполнува условите и неговиот избор ќе биде нелегален, бидејќи лице кое било една година пред изборот член на надзорен или управен одбор, не може да биде избрано за член на регулаторно тело.
Гласот на Бришковска – Бошковска се слуша и во неколку од бомбите на опозицијата со кои се договараат наводни изборни нерегуларности.
Во моментов почна расправата за Буџетот за 2017 година и не се знае колку ќе трае. Потоа следуваат уфрлените точки од утринава. Неизвесно е кога ќе дојде на ред распуштањето на Собранието.