Телата на можни жртви на ковид-19 испливаа на брегот на реката Ганг во северна Индија, што предизвика шок и паника меѓу локалните жители. Десетици тела биле забележани како пловат во реката, за потоа да се насоберат на брегот во градот Чауса.
Официјални лица тврдат дека телата дошле од соседната држава Утар Прадеш и припаѓаат на жртвите на ковид-19, чии роднини поради сиромаштија не се во можност да платат кремирање, па ги пуштиле во водата.
„Забележани се околу 35-40 тела, повеќето би можеле да бидат жртви на ковид-19. Во нормални денови можат да се видат две-три тела на овој потег од реката, но нивниот број сега е многу голем поради смртоносното ширење на коронавирусот“, изјави локалниот функционер Навал Кант.
Тој вели дека телата биле надуени, што кажува дека биле во водата најмалку четири дена. Домашните медиуми велат дека оваа ситуација предизвикала паника во Чауса и соседните градови, зашто луѓето се плашеле од инфекција од водата.
Индија моментално се соочува со најголемото ширење на коронавирусот на светот и секој ден умираат околу 4.000 луѓе.