Со вчерашната одлука на 72-ца пратеници од власта и опозицијата во Собранието да го изгласаат Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, како нуспојава е донесена практично амнестија на сите обвинети за кривичното дело Бесправно градење.
Според член 41 од овој закон, се запираат постапките за рушење на дивоградбите, но се прекинуваат и управните и судските постапки (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек и постапки во врска со изградба на бесправни објекти.
Меѓу опфатените со оваа амнестија се новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, градителот на срушениот објект кај „Мавровка“ и градителот на дивоградбата кај Американската амбасада, за која беше објавен и прислушуван разговор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети, од кој произлезе случајот „Лидери“.
Латас и неговите браќа Звездан и Срѓан беа ослободени од Основниот кривичен суд од обвинението за нелегално изградените куќи на територија на Општина Зелениково во јули 2019, но Апелациониот суд во јуни 2020 ја поништи пресудата и го врати предметот на повторно судење.
Јакимовски, според обвинението од октомври 2019, дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација. Во тој случај, пет службени лица од Општина Карпош признаа вина за бесправно градење како извршители на обвинетиот поранешен градоначалник Јакимовски и добија условни казни.
Во февруари годинава, Скопското обвинителство поднесе обвинение за кривичното дело Бесправно градење за објектот спроти Американската амбасада, случај кој го отвори поранешното СЈО во 2017 година под кодно име „Лидери“. Обвинет е само 50-годишниот инвеститор од Скопје, иако истрагата за „Лидери“ беше отворена по бомбата во која поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети се договараат за селективно уривање на дивоградби на „нашите“ и на „вашите“.
Месец дена претходно, истото обвинителство поднесе обвинение против едно лице за кривичното дело Бесправно градење во врска со дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“. Обвинетиот М.А. е инвеститор на објектот кој беше рушен во живо пред камери со одлука на Владата.
М. ИЛИОСКИ