Македонскиот проект „Сега“ на група архитекти предводени од Бекир Адеми на 20 мај ќе биде претставен на 17. Биенале на архитектура во Венеција. Свеченото отворање на македонскиот павилјон е закажано во 10 часот во дворот на Палатата Зорзи, седиштето на УНЕСКО во Венеција.
Светската архитектонска смотра лани не се одржа поради ковид пандемијата, и термините беа поместени за 22 мај – 21 ноември 2021. Темата е „Како ќе живееме заедно“, а куратор е архитектот со либанско потекло, Хашим Саркис.
Проектот „Сега“ е на БИНА- Биро за инвентивна архитектура, Адеми е куратор, кокуратор е Јордан Шишовски, комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ), додека покровител на изложбата е Министерството за култура. Авторите велат дека проектот е за симболична претстава и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот.
Учесници во проектот се: Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис, Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи.
Проектот денеска на прес-конференција во Даут пашин амам го претставија Адеми, Шишковски, Старова-Ќерими и министерката за култура Ирена Стефоска.
Во однос на инспирацијата за насловот „Сега“, Адеми рече дека темата има повеќе димензии, една од тие е секако техничката, знаејќи ги сите случувања на глобално ниво и стремежите кон подобрување на ситуацијата, особено сегашната ситуација
„Одговорот едноставно беше, доколку треба да се преземе некоја мерка, тоа е сега. Значи, само сега можеме да преземеме каква било мерка“, рече Адеми.
Директорката Старова-Ќерими рече дека проектот „Сега“ претставува чудесен одговор, во потрагата по вечниот одговор на синтагмата „живот и дом“.
„Ако се појде од идејата дека планетата е всушност проширениот човеков дом, тогаш може да се најде и вистинското разбирање за визијата и вредноста на проектот, неговата хармонична полнота и доследност“, кажа директорката и комесарка.
„Знам дека овој настан е празник на архитектурата и престиж за секој архитект. Но, за мене има уште едно значење – животот продолжува. Минатата година овој исклучителен настан беше одложен поради светската пандемија. И некако симболично, од денеска за публиката, иако во ограничен број, се отвораат портите и на институциите на културата и кај нас. Пред неколку месеци бев прашана – дали културата е мртва? Одговорив, не. Таа само се подготвува за својата најдобра улога“, рече министерката Стефоска.
На Биеналето годинава ќе има 112 учесници од 46 земји.
Б. НЕСТОРОСКА