Штипјанецот Миланчо Николов во 2016 година почнал да одгледува пауловнија, егзотично и ретко дрво за балканските краишта, но со своите состав и граѓа многу квалитетно, кое во светот, посебно во Азија, од каде што потекнува, се употребува во бродоградбата, автомобилската индустрија, за мебел и во пчеларството.
Можеби и поради тоа, пауловнијата и кај нас веќе се смета за дрво на иднината, меѓу другото и затоа што е мошне профитабилна и на светската берза има висока цена. Во соседните земји, каде што постои откуп, цената на еден кубик достигнува и до 200 евра, додека во развиените земји има и многу повисока цена.
„Бидејќи е ретко дрво, посебно кај нас, решив да направам цела плантажа. Насадот кај Врсаково е на 11 декари и располага со 970 садници. Имам 48 реда со пауловнија на потребното растојание. За шест години израснаа повеќе од шест метри и за две-три години, кога ќе имаат уште пооформено и повисоко стебло, ќе се изврши првата сеча. Карактеристично за ова дрво е што по секоја сеча само се обновува и прави нова реколта. Пауловнијата може да оствари десеткратна обновливост и да трае еден век, што не е случај со ниедно друго растение од овој вид“, вели Николов.
Тој посебно ја издвојува корисноста на пауловнијата во пчеларството. Вели дека во мај почнува да цвета и на високите гранки има широк и буен цвет, сличен на перуниката. Кога цути, цветовите се полни со пчели и било докажано дека од нив се добива најквалитетниот мед.
„Целиот насад ми e со систем капка по капка. Обезбедив бунарска вода, а меѓу садниците насадив и други култури, како јагода и бостан. Целата плантажа е окружена со посебни сорти винова лоза и со разни видови овошки“, вели Николов.
За наредната реколта планира целиот насад да биде послан со бела перуника како симбол на памукот, зашто Овчеполието во минатиот век било познато по „белото злато“.
Николов не е задоволен од последната мерка на државата, која го прекинала субвенционирањето. Првите години добивал скромна помош, колку да ги покрие трошоците за обработка, но пред неколку години субвенциите биле укинати. Очекува државата да го поврати стимулирањето, затоа што инвестицијата е над 8.000 евра. Затоа негова голема надеж е откупот, иако во Македонија засега немало некој посебен откупувач, но во соседните земји нуделе добра откупна цена.
Според Николов, поранешен вработен во штипската машинска фабрика „Метална“, ова ретко дрво во Македонија го одгледуваат дваесетина земјоделци, најмногу во Струмичкиот регион, од каде и тој ги набавил садниците. Во Општина Штип имало уште тројца одгледувачи на пауловнија.
Т. ЈОВАНОВСКИ