РАШКОВСКИ СИ ЗЕМАЛ ПО 500 ЕВРА ТАРИФА ОД ХОНОРАР ОД 80.000 ДЕНАРИ НА СОВЕТНИК ВО ВЛАДА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ УШТЕ ЕДНА ИСТРАГА ПРОТИВ НЕГО

    РАШКОВСКИ СИ ЗЕМАЛ ПО 500 ЕВРА ТАРИФА ОД ХОНОРАР ОД 80.000 ДЕНАРИ НА СОВЕТНИК ВО ВЛАДА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ УШТЕ ЕДНА ИСТРАГА ПРОТИВ НЕГОЗа Рашковски и двајца од претходно осомничената група за незаконска набавка на софтвер кој не му требал на МВР, oбвинителството отворило уште една истрага, за друг незаконски набавен софтвер. (Фото: К. Попов)

    Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски на еден од хонорарно ангажираните соработници во Владата, воедно и најплатен од сите, од месечните примања од 80.000 денари, му земал секој месец по 500 евра, открило Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

    За Рашковски и двајца од претходно осомничената група за незаконска набавка на софтвер кој не му требал на МВР, oбвинителството отворило уште една истрага, за друг незаконски набавен софтвер.

    „Тројца од вкупно четворицата веќе осомничени лица, сториле уште две кривични дела за што надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе нова Наредба за спроведување истражна постапка против три лица. Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година при спроведување на постапка за јавна набавка, потпомогнат од останатите двајца осомничени, ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 2017-2019 година, првоосомничениот, како службено лице при спроведување на постапка за јавна набавка искористувајќи исти прилики, со умисла извршил две временски поврзани дејствија со помош на останатите двајца осомничени. Со преземените дејствија спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, за економски оператор прибавиле корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор за истата на износ од 6.455.816,00 денари со вклучен 18% ДДВ”, наведува Обвинителството за ГОКК.

    Воедно, тимот истражители открил и дека без да се испочитуваат одредбите од Законот за јавни набавки, во втората половина на 2017 година, без спроведен постапка тендер, првоосомничениот Драги Рашковски извршил плаќање по разни основи на фирмата сопственост на третоосомничениот, во вкупен износ од 168.100,00 денари или 2.720 евра. Со тоа го оштетил Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 6.623.916,00 денари.

    „Во временскиот период од мај 2019 година до февруари 2021 година, првоосомничениот го искористил службеното овластување и со умисла помогнат од второосомничениот, склучиле два авторски договора за кои на месечно ниво на второосомничениот му бил исплаќан нето износ од 80.000,00 денари. Согласно претходен договор меѓу двајцата осомничени, паричните средства биле делени во сооднос 5:3 во корист на второосомничениот, со што првоосомничениот за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ од вкупно 590.000,00 денари”, вели Обвинителството за земањето процент секој месец по 500 евра од страна на Рашковски од хонорарецот во Владата.

    Заедно со Наредбата, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје, доставил и Предлог за продолжување на претходно определените мерки спрема осомничените. Рашковски е во притвор во Шутка од 21 април, откако првично на 16 април му беше одреден куќен притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира