ОБВИНИТЕЛОТ ОД „ТРЕЗОР“ КОЈ ПОБАРА ПРИТВОР ЗА МИЈАЛКОВ, СЕГА ПРИФАЌА ГАРАНЦИЈА ЗА ПУШТАЊЕ ОД 10,8 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ФИРМИ И ОБЈЕКТИ

    ОБВИНИТЕЛОТ ОД „ТРЕЗОР“ КОЈ ПОБАРА ПРИТВОР ЗА МИЈАЛКОВ, СЕГА ПРИФАЌА ГАРАНЦИЈА ЗА ПУШТАЊЕ ОД 10,8 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ФИРМИ И ОБЈЕКТИКај нас има парадокс - не се испитува како се стекнати парите понудени како гаранција за пуштање од притвор и среќа што ретко се случува некој да понуди пари. Сите нудат недвижнини, а државата потоа, ако избегаат, изигрува агенција за продажба на недвижнини. (Фото: СДК.МК)

    За предлогот на одбраната на притворениот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков да му се укине мерката притвор со гаранција од 10,8 милиони евра, но во недвижнини, а не во пари, согласност дал токму обвинителот од тимот што го застапуваше обвинението на судскиот процес „Трезор“ и по кој Основниот кривичен суд му одреди мерка притвор. Сега обвинителот, зад кој застана Обвинителството за организиран криминал и корупција, смета дека оваа понудена гаранција е доволно висока за тој да се брани од слобода.

    Судот уште решава и барем како што велат оттаму, нема одлучено. Не е обврзан да постапи по мислењето на Обвинителството. Судот го има последниот збор: дали ќе го пушти Мијалков да се брани од слобода, ќе го остави во притвор во Шутка, или ќе направи компромис, па ќе ја преиначи мерката во куќен притвор.

    На 13 април, Мијалков доби првостепена 8-годишна затворска казна за незаконска набавка на опрема за следење на интернет комуникација со која Буџетот го оштетил за над 800.000 евра. Тамам му истекуваше законски ограничениот притвор од само 2 месеца по изречената првостепена казна од 12 години затвор за масовното прислушување во предметот „Тврдина-Таргет“, влетаа со предлог обвинителите од „Трезор“ на денот на изрекувањето на 8-годишната затворска казна.

    По еден месец, обвинителството се премислува за најстрогата мерка и дава мислење дека понудената гаранција е прифатлива.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека се работи исклучиво за гаранција во недвижнини, и тоа не на Мијалков, бидејќи сосема малку имал имот на лично име, туку на име на негови блиски пријатели, од кои, неофицијално, некои ги понудиле и своите фирми како гаранција дека тој нема да избега и ќе учествува во сите постапки што се водат против него.

    Во разговор со обвинители дали така се прифаќа гаранција без да се провери дали можеби тој имот е нелегално стекнат  со криминалот за кои се водат постапките против лицето, бевме брифирани дека вообичаено се гледа дали понудениот недвижен имот е под хипотека, односно дали е чист, спремен за запленување и за продажба ако обвинетиот избега. Но, ако гаранцијата за укинување мерка е во пари, што е реткост во Македонија, тие не се испитуваат дали се стекнати со кривичното дело, во моментот кога се разгледува гаранцијата. Може подоцна, во друга постапка да се испитуваат, ако се покаже индиција дека тие не се чисти пари.

    Во МВР и Обвинителството исчезнувањето на Мијалков од неколку дена, не се смета за бегство, бидејќи тој дојде сам да си го земе решението за куќен притвор. А како ќе се третира тоа оддалечување на Мијалков од дома, во ситуација кога полицијата што го набљудувала од далеку не го запрела, и дали навистина бил болен и отишол самоизолација, ненапуштајќи го Скопје, треба да каже обвинителката Ленче Ристоска која, неофицијално, ја завршува истрагата.

    Мијалков на „главата“ ја има уште и обвинителката Лиле Стефанова, која заедно со Орце Камчев го сомничи за перење на милионски суми пари во два многу поголеми случаи од „Трезор“, а тоа се „Плацевите на Водно“ и „Империја“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира