ПРАВНИЦИ И АРХИТЕКТИ СМЕТААТ ДЕКА ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ ТРЕБА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ, БОЧВАРСКИ ВЕЛИ ЌЕ СЕ ИСКЛУЧИ ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ВИКЕНДИЦИ И ОБЈЕКТИ ВО ЗАШТИТЕНИ ДЕЛОВИ

    ПРАВНИЦИ И АРХИТЕКТИ СМЕТААТ ДЕКА ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ ТРЕБА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ, БОЧВАРСКИ ВЕЛИ ЌЕ СЕ ИСКЛУЧИ ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ВИКЕНДИЦИ И ОБЈЕКТИ ВО ЗАШТИТЕНИ ДЕЛОВИУрбанисти, архитекти, професори, судии сметаат дека и со одредени измени овој закон е лош и се остава можност и понатаму во земјава да се гради на диво.(Фото: К. Попов)

    Со новиот Закон за легализација на дивоградби, кој во моментов се доработува по забелешките на јавноста и претседателот Стево Пендаровски кој одби да го потпише указот за прогласување, нема да може да се легализираат викендици и објекти во заштитени подрачјна. Ова го кажа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната јавна расправа организира од Антикорупциската комисија.

    „За да докажеме дека сакаме да го подобриме ова законско решение, целосно сме спремни да ја исклучиме легализацијата во заштитени подрачја. Исто така, ќе се исклучат и објектите кои се втор дом или викендици односно не се водат како адреса на живеење според лична карта, со што сакаме да покажаме дека не легализираме луксуз. Исто така, има размислувања објектите кои се над 80 или 100 метри квадратни да не можат да се легализираат, бидејќи тогаш тие домови не се социјална категорија. Целосно сме свесни дека овој Закон не треба да се повторува. Но, со тоа што не легализираме по едно евра туку по цената на комуналии плус 50 отсто казна, сакаме да порачаме дека не се исплати да се гради на диво“, рече Бочварски.

    Учесниците во јавната расправа, урбанисти, архитекти, професори, судии, претставници од Министерството за животна средина, сметаат дека и со одредени измени овој закон е лош и дека носењето на уште еден ваков закон за дивоградби остава можност и понатаму во земјава да се гради на диво. За нив не смее ниту да се зборува да се дозволи легалиција во заштитени зони, како што предвидуваше првичното законско решение.

    „Многу важно, пред да се дозволи легализација, е дали тој објект ќе се вклопи во планската документација. Не може да се прават нови планови за да се вклопат тие дивоградби, туку треба да се види дали може да се вклопат во постојната планската документација, па потоа да се дозволи легализацијата. Со ваков закон се остава порака дека јас од утре можам да го заградам игралиштето зад мојот дом затоа што дел од него било на дедо ми и со наредниот закон тоа ќе ми биде легализирано“, кажа професорката на Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ.

    Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска кажа дека ваков закон не треба да се носи, бидејќи наместо лицето кое градело на диво да сноси кривична одговорност, му се дозволува да легализира.

    Сашо Блажевски од Комората на архитекти смета дека во моментов се случува ерозија на струката во однос на тоа каде се гради и каде смее да се гради.

    „Сметаме дека на долг рок донесување на ваков закон има лошо влијание. Во ред е да се помогне на граѓаните, но доколку тој закон продолжи еднаш, два или три пати, тогаш се дава можност за манипулација“, рече Блажевски.

    Професорката на Правниот факултет и ексминистерка за правда Рената Дескоска кажа дека законот треба да се повлече.

    „Министерот Бочварски кажа дека ќе се изземе легализација ако објектот не е место на живеење според лична карта. Но, и во овој дел има дупки, затоа што членови на едно семејство може да живеат на различни адреси. Значи, четири полнолетни членови на едно семејство може да легализираат четири дивоградби“, кажа Дескоска.

    Според податоците на Министерството за транспорт и врски во земјава има околу 50.000 дивоградби.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира