Сите оние лица кои се неевидентирани во Матичната книга на родени, а кои не се пријавија по јавните повици и не се опфатени во акцијата за пријавување, имаат обврска да пополнат барање на посебен образец за запишување во посебна матична книга на родени.
„Кон барањето што ќе го поднесат до Управата за водење матични книги, треба да достават и 4 фотографии со определени димензии, како и валидни податоци за нив“, кажа вчера министерот за правда Бојан Маричиќ во одговор на пратеничко прашање на пратеничката Љатифе Ашиковска, зошто оди со бавно темпо пријавувањето на неевидентираните лица за добивање прв извод и лични документи во животот.
Поднесувањето на барањето е бесплатно, и издавањето на изводот исто така. Единствениот трошок се четирите фотографии, повтори Маричиќ.
Овој процес го води Управата за водење матични книги на родени. Во 2018 и 2019 година биле пополнети 665 барања. Годинава има само 209 барања. Позитивно се решени само 95 предмети и тие граѓани се веќе впишани во Посебната матична книга на родените, кажа министерот. Овие граѓани веќе имаат извод. За 114 лица постапката е во тек, треба да си ги подигнат изводите од Управата.
Причината за побавното решавање на овие предмети се како пандемијата, така и податоците што не се совпаѓаат. Некаде фалат и фотографии, зборуваше Маричиќ.
Законскиот рок за поднесување барања е до 30 јуни.
„Две третини од пријавените не се решени, а има и што уште не се пријавени, па се согласувам дека рокот на Законот за пријавување треба да се продолжи“, кажа тој.
Министерството ќе предложи секој вторник да биде специјален ден за пријавување на овие неевидентирани лица, а да може тие и в сабота да се пријавуваат во Управата. Планот е нивниот проблем да се реши до одржување на пописот на населението и домаќинствата оваа есен.
С. К. ДЕЛЕВСКА