Уривањето на нелегалните објекти во Охридскиот регион тече недозволиво бавно, а мораториумот за градба беше полн со исклучоци и исто како да не беше донесен, се вели во извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, која го посети подрачјето во јануари минатата година. Заклучокот на катастрофалниот извештај на Мисијата е дека Охридскиот регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност.
„Инвентарот на нелегалните градби е чекор напред, но уривањето на нелегалните објекти тече премногу бавно, посебно во Северна Македонија. Мораториумот на сите урбани трансформации и промени на брегот кој беше препорачан во 2017 година беше воспоставен во август 2019 година, по двегодишно одложување, од општините Охрид, Струга и Дебрца во Северна Македонија. Но, одлуките на општините вклучуваат неколку исклучоци за бројни градежни активности, и со тоа се губи смислата на мерката. Мисијата смета дека мораториумот треба да биде построго спроведуван и исклучоците да бидат значително ограничени. Идеално, само обично одржување и работи поврзани со отпадните води треба да бидат вклучени во исклучоците и да се дозволи да продолжат, а сè друго треба да биде запрено додека не се направи комплетна проценка“, се вели во извештајот на 125 страни.
Мисијата заклучува дека дејствијата побарани уште во 2017 година не се комплетирани за да се адресираат ранливостите и заканите идентификувани тогаш, а како резултат на тоа не е запрена постепената ерозија на атрибутите, сè уште се развиваат проекти кои се закана, а Мисијата откри и нови закани.
„Затоа, евидентно е дека подрачјето е многу ранливо порaди значителни проблеми со менаџментот и лоша имплементација на законите. Ова доведе до несоодветни интервенции, негативни ефекти на урбаното планирање и предлози за големи проекти, кои резултираа со сериозно нарушување на урбанистичкото урбаниот, руралниот и природниот пејзаж, што пак предизвикува подрачјето да ги исполни условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност“, велат од Мисијата на УНЕСКО.
Пред да дојде Реактивната мониторинг мисија во јануари минатата година, УНЕСКО го објави најнеповолниот извештај за Охридскиот регион, во кој беше побарано отстранување на дивопоставените објекти вдолж брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура и отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, меѓу другото.
Охридскиот регион е на листата на Светско наследство на УНЕСКО од 1979 година.
М. ИЛИОСКИ