ЗА ПРВПАТ ВО РЕГИОНОТ, ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ИЗВРШЕНА ОПЕРАЦИЈА НА РАМО СО СОФТВЕР ЗА ПЕРСОНАЛИЗИРАН ПРИСТАП КОН ПАЦИЕНТОТ

    ЗА ПРВПАТ ВО РЕГИОНОТ, ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ИЗВРШЕНА ОПЕРАЦИЈА НА РАМО СО СОФТВЕР ЗА ПЕРСОНАЛИЗИРАН ПРИСТАП КОН ПАЦИЕНТОТСтанува збор за високо софистицирана процедура која комбинира дигитално планирање на операцијата и прецизна хируршка изведба. (Фото: ГОБ „8 Септември“)

    Со помош на 5-Д водич, во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје за првпат во Македонија, но и во регионот, успешно е изведена ендопротетска замена на рамен зглоб со примена на современ софтвер за предоперативно планирање и т. н. ВИП (VIP -Virtual Implant Positioning) систем.

    Специјалистот-ортопед д-р Ненад Петков вели дека станува збор за високо софистицирана процедура која комбинира дигитално планирање на операцијата и прецизна хируршка изведба. Кај пациентот најпрво се изработува компјутерска томографија, по што податоците се испраќаат на обработка кај инженерски тим на компанијата „Артрекс“ во Минхен, Германија. Врз основа на овие податоци се креира персонализиран софтверски модел со идеално позиционирани компоненти на ендопротезата што треба да се вгради кај пациентот.

    Дополнително, хирургот добива насоки за користење на т. н. 5Д водич – специјализирана алатка која се применува за време на операцијата и овозможува прецизни мерења во реално време. На овој начин, реалниот хируршки резултат се усогласува со претходно изработениот виртуелен план.

    „За нас претставува огромна чест што од цел регион ваков тип на интервенција за првпат се имплементира во нашата држава и тоа токму во ГОБ ‘8 Септември’, вели д-р Ненад Петков. (Фото: ГОБ „8 Септември“)

    ВИП системот особено се користи кај сложени случаи со изразени деформитети на рамениот зглоб, каде што традиционалните методи се со ограничена прецизност.

    Според д-р Петков, овој систем може да се спореди со симулатор за летање, бидејќи му овозможува на хирургот повеќекратно да ја изведе интервенцијата виртуелно пред самата операција. Ова, како што вели, значително ја зголемува сигурноста и успешноста на хируршкиот зафат. Воведувањето на оваа технологија има особено значење и за едукацијата на младите хирурзи, кои преку виртуелното планирање ќе можат подобро да се подготват за реалните операции.

    „За нас претставува огромна чест што од цел регион ваков тип на интервенција за првпат се имплементира во нашата држава и тоа токму во ГОБ ‘8 Септември’, што го сфаќаме како доказ за долгогодишно квалитетно работење на нашето Одделение за ортопедија и трауматологија“, вели д-р Петков.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира