НЕМА ДА ГО СУСПЕНДИРАМЕ ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, БОЧВАРСКИ НИ ВЕЛИ НЕМАМЕ ОСНОВ, КАЖА БОГДАНОВИЌ

    НЕМА ДА ГО СУСПЕНДИРАМЕ ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, БОЧВАРСКИ НИ ВЕЛИ НЕМАМЕ ОСНОВ, КАЖА БОГДАНОВИЌБогдановиќ вели дека немаат начин да ги суспендираат плановите и со тоа ќе мора да стане правосилно и барањето за градење каj „Холидеј Ин“. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека не може да ги суспендира деталните урбанистички планови за кои поднесе елаборати оти Министерството за транспорт и врски во одговорот му ги побива аргументите.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК да каже зошто ги утнале елаборатите и не навеле прекршување на јавниот интерес, Богдановиќ не даде конкретен одговор, туку дека после одговорите од министерството немаат начин да ги суспендираат плановите и со тоа ќе мора да стане правосилно и барањето за градење каj „Холидеј Ин“.

    „Во законот за урбанистичко планирање во член 23 став 5 се наведува дека може да се суспендира план или дел од планот, а во член 35 се наброени причините по кои може да се суспендира план. Во нашите елаборати се наведени несовпаѓањето на параметрите ДУП со ГУП, а во мислењето од Транспорт ни се наведува дека параметрите кои се во линиските центри со намена А, Б, В се неограничени и не влегуваат во билансите со што тој аргумент ни се побива. Што се однесува со усогласување на линиите ГУП со ДУП ни се кажува дека со тоа не се прави штета на јавниот, и дека со елаборатите никаде не е утврдена штета на јавниот интерес со што немаме основ за суспензија“, ни изјави Богдановиќ.

    Претходно денеска, на брифинг во Министерството за транспорт и врски беше кажано дека Општина Центар ги утнала елаборатите за суспензија на деталните урбанистички планови кои се доставени до министерството и не докажала дека тие имаат штета по јавниот интерес. На брифингот, на кој присуствуваше и министерот Благој Бочварски, беше кажано дека елаборатите биле правени по погрешен член од Законот за урбанистичко планирање.

    „Општина Центар ја промашиле темата, ги утнале елаборатите. Наместо да побараат суспензија само на делови од планот каде има одредени прекршувања, тие бараат да се суспендира цел план. Посочувајќи неправилности во една четврт бараат укинување на цел план. Во ниту еден елаборат не е докажана штета за јавен интерес“ , велат од комисијата која ги разгледувала елаборатите.

    Оттаму велат дека главната грешка на Општина Центар е што не го сменила планот толку време и дозволила тој да се реализира.

    Кај „Холидеј Ин“ треба да се градат трите кули од 16, 20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА, откако за една зграда веќе се платени комуналии од 2,4 милиони евра и од Општина Центар е побарана градежна дозвола.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира