ОПШТИНА ЦЕНТАР ГИ УТНАЛА ЕЛАБОРАТИТЕ ЗА СУСПЕНЗИЈА НА ПЛАНОВИТЕ, НЕ ДОКАЖАЛА ШТЕТНОСТ ДА СЕ ГРАДИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ГИ УТНАЛА ЕЛАБОРАТИТЕ ЗА СУСПЕНЗИЈА НА ПЛАНОВИТЕ, НЕ ДОКАЖАЛА ШТЕТНОСТ ДА СЕ ГРАДИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“Модел на трите кули од 16,20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА што треба да се градат на паркингот кај „Холидеј ин“ во Скопје/Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ. (Фото: СДК.МК)

    Општина Центар ги утнала елаборатите за суспензија на деталните урбанистички планови кои се доставени до Министерството за транспорт и врски и не докажала дека тие имаат штета по јавниот интерес. На брифинг во Министерството на кој учествуваа министерот Благој Бочварски и членови на Комисијата која ги разгледувала  елаборатите меѓу кои и професорот Мирослав Грчев беше кажано дека елаборатите биле правени по погрешен член од Законот за урбанистичко планирање.

    „Општина Центар ја промашиле темата, ги утнале елаборатите. Наместо да побараат суспензија само на делови од планот каде има одредени прекршувања, тие бараат да се суспензира цел план. Посочувајќи неправилности во една четврт бараат укинување на цел план. Во ниту еден елаборат не е докажана штета за јавен интерес“ , велат од Комисијата.

    Од таму велат дека главната грешка на Општина Центар е што не го сменила планот толку време и дозволила тој да се реализира.

    „Доколку се добие дозвола за градба како што е случајот од паркингот кај Холидеј ин не може планот да се суспендира. Во планот кај Холидеј не е споменато ниту збор за штета што би настанала. Сепак, ние не носиме одлука туку само укажуваме каде има пропусти во елаборатот. Општината носи одлука дали ќе суспендира план”, рече членот на комисијата Мирослав Грчев.

    Кај Холидеј ин треба да се градат трите кули од 16, 20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА, откако за една зграда веќе се платени комуналии од 2,4 милиони евра и од Општина Центар е побарана градежна дозвола.

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека тие укажале дека има основи за суспензија за ДУП-от кај црквата Пресвета Богородица каде треба да се гради деловен објект, но има прекршувања бидејќи влегува во коритото на реката Вардар. Вториот план е Дебар Маало 1 каде со планот се предвидува деловен објект, но со регулациски план на Град Скопје се менува во парк.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира