БОГДАНОВИЌ И СОВЕТНИЦИТЕ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ПАК НЕ ГО СУСПЕНДИРАА ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ТУКУ ДОНЕСОА ЗАКЛУЧОК ДА СЕ ПРАВАТ НОВИ ЕЛАБОРАТИ

    БОГДАНОВИЌ И СОВЕТНИЦИТЕ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ПАК НЕ ГО СУСПЕНДИРАА ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ТУКУ ДОНЕСОА ЗАКЛУЧОК ДА СЕ ПРАВАТ НОВИ ЕЛАБОРАТИГрадоначалникот Саша Богдановиќ вели дека овој заклучок е донесен со цел да се изврши суспензија само на делови од плановите. (Фото: Општина Центар)

    Општина Центар и понатаму не носи одлука за суспенција на Деталниот урбанистички план кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје, каде инвеститорите „Мг Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) ќе градат три кули од 16, 20 и 22 ката. На денешната седница на Советот на Општина Центар на дневниот ред немаше никаква точка која се однесува на суспензијата на деталните планови.

    Но, по предлог на советниците од СДСМ беше донесен заклучок за постапување по член 23 од Законот за урбанистичко планирање. Со тој заклучок повеќе не важи заклучокот донесен на 25 декември лани кога се задолжија службите да направат елаборати во кои ќе бидат наведени прекршувањата на постапките и тие ќе бидат основа за понатамошна суспензија на плановите. Сега, овие елаборати веќе не важат и службите во Општината ќе треба да прават нови.

    Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека овој заклучок е донесен со цел да се изврши суспензија само на делови од плановите, односно да не се носи суспензија на цел план „Голем ринг“ туку само градската четврт која го опфаќа просторот кај „Холидеј ин“.

    „Поради неможност во целост да се постапи по заклучокот за постапување по член 23 од Законот за урбанистичко планирање донесен на 25 декември 2020, се јави потреба од дополнително прецизирање и донесување на нов заклучок, кој појасно и со конкретни насоки ја констатира потребата од суспензија на деталниот план, негов дел или плански опфат. Со овој заклучок се прецизира кои делови при изработка на стручните елаборати нема да бидат земени во предвид. За голем дел од овие предмети се почнати судски постапки. Дел од нив немаат одобрение за градење, некои се во фаза на раскинување на договорите, некои се во фаза на прогласување за ништовни, но постапките се во фаза на жалби пред судските органи, па задирање во овие предмети е правно невозможно во оваа фаза. Поради тоа, конкретните постапки кои се водат мора правосилно да завршат, во спротивно нивно суспендирање во овој момент би значело големи штети за Општината и основ за барање на надоместок на штета“, се вели во заклучокот кој беше усвоен од Советот на Општина Центар.

    Градоначалникот Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека со денешниот нов заклучок не се одолговлекува работата, туку се бара прав начин како плановите да се променат без да има последици по Општината. На нашето прашање дали додека сета оваа постапка заврши, со оглед на тоа дека ќе се прават нови елаборати, инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА веќе ќе добијат правосилна дозвола за градба и ќе биде касно да се спречат градбите кај „Холидеј ин’ кои се спротивни на Генралниот урбанистички план, Богдановиќ одговори дека „има уште многу време додека дозволата за градба им стане правосилна“.

    На 22 април, Антикорупциската комисија поведе иницијатива до Јавното обвинителство да покрене постапка за донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) кај „Холидеј ин“.  Антикорупционерите сметаат дека во носење на овој ДУП сторени се повреди како од планерите, кои како професионалци од областа се обврзани да постапуваат според правилата на струката и законските прописи, така и од вработените во Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски кои ги занемариле ваквите пропусти и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи.

    Одговорност се бара од градоначалникот на Општина Центар во период од 2009-2013 Владимир Тодоровиќ, градоначалникот на Општина Центар во период од 2013-2017 Андреј Жерновски, раководител на Сектор за урбанизам во Општина Центар во периодот 2012, раководител на Сектор за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, помошник-раководител на сектор за планирање и уредување на просторот на Град Скопје и двајца овластени планери и овластеното лице на правно лице ДПУП „Билд“ кои го изработувале планот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира