По подолго време минато надвор од театарската сцена поради пандемијата, дел од актерите на Народниот театар од Битола распалија со актерската игра и енергија, но и критика. Најновата премиера „History of motherfuckers“ одиграна вчера, а ќе биде прикажана и денес (18 јуни) во Театарот во Битола, во режија на еден од најангажираните режисери на Балканот, Андраш Урбан, сврстен меѓу оние кои создаваат политички театар, се смета за една од најхрабрите во последните години.
Спојувајќи го Шекспировиот лик Кориолан со сегашноста, актерите на сцена од себеси го извадија сето она што чмаеше во нив за време на пандемијата, но и претходно низ транзицијата, па упатија критики кон власт и опозиција кои и да се, зашто како што кажаа ништо не се менува, кон неписменоста, добивањето на дипломи со неколку потписи, корупцијата, но над сè кон луѓето кои сопствените одлуки ги носат само врз основа на личниот интерес. Иако на сцена беа пет актери и двајца музичари наликуваше како да е цел ансамбл.
„Демократија значи владеење на народот и сега да прашам кој народ ќе владее, овој што верува дека ќе го чипираат преку вакцината? Или што верува дека некој ќе си ги исполни предизборните ветувања? Што е тоа народ? Една обична толпа обединета под знамето на турбофолкот. Кој ја прави демократијата? Оние што возат нови аудија од 110 000 евра? Јас да работам 15 години секој ден, да не јадам, да не пијам, едно залче да не каснам, денар да не потрошам, пак, не можам да ги соберам тие пари“, рече актерката Викторија Степановска-Јанкуловска во својот монолог.
Иван Јерчиќ беше во улогата на Мациj, римски војсководец кој се здобил со многу рани бранејќи ја татковината. Но, бидејќи народот сакал повеќе да им ласка и да моли отколку да му укаже почитување, да зборува вистина и да биде принципиелен, го протерал и на крај го убиваат.
„Никому не му е важно за кого вие гласате, демократијата е само празна флоскула на секоја држава и тогаш гласачкото ливче става куршум во челото на различниот, на малцинството“, рече Јерчиќ и со секира ја разнесе политичката говорница.
Неговиот противник чија говор на сцена го изнесе Сандра Грибовска наликуваше на говорите на денешните политичари.
„Противниците секогаш биле потпомогнати од големите светски сили. Но, им покажавме дека со нас не може лесно. Сега најмалку што сакаме е да се занимаваме со минатото, ние сакаме да гледаме исклучиво во иднината“, рече Грибовска.
Претставата е испреплетена со музички точки со многу силни пораки. Во една од песните се пее дека „власт се брани со образ, неполна коалиција, со оставка, јавна набавка, со деморализација и дестабилизација, со масовна ликвидација“. Музичкиот сплет продолжува со стиховите „пизмам избори, гласачки листови, претседатели, премиери и лидери, не сакам да сум раководена. Цел живот во ветер , цел живот надеж дека некогаш ќе биде добро, но нема да дочекам“, пееја актерите во еден глас.
Режисерот Урбан на прес-конференцијата рече дека ова нема врска со македонската политика туку со она што се случува на Балканот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА