Владата негира дека на вчерашната средба во Софија меѓу премиерите Зоран Заев и Стефан Јанев било предложено решение за јазикот. Бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на бугарски владини извори објави дека во однос на јазикот, од Заев била предложена формулација „Говориме ист јазик, но меѓународно признат како два различни”. Од Владата ваквите наводи ги негираат.
„За време на вчерашните работни средби обезбедивме унапредување на меѓусебната доверба и дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија за што добра основа е португалскиот предлог. Решенијата мора да водат грижа за двете страни.Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса. Оттука, не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија кои се споделуваат низ дел од медиумите”, велат од Владата.
Техничкиот премиер Стефан Јанев вчера на заедничката прес-конференција со Заев изјави дека „делегацијата на Заев дојде со конкретен предлог, кој ќе го разгледаме сеопфатно и професионално во наредните денови. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение“.
Заев по средбата рече дека спорот со Бугарија треба да се реши на билатерално ниво.
„Прашањата не се нерешливи. И самото тоа што сме тука и седнавме да разговараме е успех и исчекор во изнаоѓање на решение во спорот. Ќе останеме и на вечера, заедно ќе го гледаме и фудбалскиот натпревар на нашата репрезентација на Европското првенство. Апелирам Бугарија да продолжи да ѝ помага на Македонија и на братскиот народ. Апелирам македонскиот и бугарскиот народ да го поддржат процесот оти станува збор за иднината на нашите деца. Историјата е важна но поважна е иднината на идните, но и сегашните генерации. Верувам дека одлуки се можни не се нерешливи прашањата”, кажа Заев на заедничката прес-конференција.
А. АНТЕВСКА