ОДБЕЛЕЖАНА 90-ГОДИШНИНАТА ОД ИЗГРАДБАТА НА ПРВИОТ ПЛАНИНАРСКИ ДОМ ВО МАКЕДОНИЈА

    ОДБЕЛЕЖАНА 90-ГОДИШНИНАТА ОД ИЗГРАДБАТА НА ПРВИОТ ПЛАНИНАРСКИ ДОМ ВО МАКЕДОНИЈАРеконструкцијата на планинарскиот дом „Љуботен“ траеше 5 години, а беше помогната од многу домашни и странски организации. (Фото: СДК.МК)

    Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово ја одбележа 90-годишнината од изградбата на првиот планинарски дом во Македонија. По тој повод се собраа планинари од голем број планинарски клубови од Македонија, а прославата беше збогатена со свечено пуштање во употреба на реновираниот планинарски дом.

    Реконструкцијата на домот „Љуботен“ траеше 5 години, а беше помогната од многу домашни и странски организации пред сè од Македонското еколошко друштво преку заеднички еколошки проекти, а голема помош е добиена и од швајцарската фондација СДС и германската фондација ГИС.

    „Градбата на овој дом е почната во 1931 година, а завршен е во 1932. Изграден е од страна на државата а е даден на користење на тогашното Туристичко друштво ‘Југ’, односно на неговата секција, планинарскиот клуб ‘Љуботен’. Иницијатор за неговата градба е Орестије Крстиќ, страствен планинар, основач на клубот и тогашен градоначалник на Тетово. Во текот на својата 9-децениска историја, домот преоѓал во рацете од една во друга институција, со него стопанисувале неколку работни организации, кога наместо планинарски дом беше претворен во работничко одморалиште. Со текот на времето, а посебно последниве години, објектот беше целосно занемарен и доведен во руинирана. Со големо залагање на планинарите од ПК ‘Љуботен’, домашни и странски организации и граѓаните, пред 5 години ја започнавме неговата целосна реконструкција. Се направи нов покрив, комплетно се замени фасадата, се доградија тоалети за горниот спрат, променета беше целата столарија и ред други поправки, за еве сега да можеме да кажеме дека имаме современ планинарски дом, со 54 легла, со 5 целосно реновирани бунгалови и со извонредни услови за престој на планинарите“, вели Јовица Божиновски претседател на ПК „Љуботен“.

    Тргнувајќи од Старе Село, педесетина планинари, минувајќи низ едни од најживописните предели на Шар Планина, по 2 и пол часа пристигнаа до планинарскиот дом „Љуботен“ кој е на 1.620 метри надморска височина и кој се наоѓа под истоимениот врв за да учествуваа во чествувањето на овој редок јубилеј.

    „Ова што го гледате пред вас, колку материјал има внесен внатре, гледате дрво, цигли, камен Но, дали забележувате уште две состојки за ова да добие ваков изглед? Главниот материјал е трудот и љубовта. Дрвото може да скапе, циглата да се распадне, меѓутоа љубовта е вечна“, рече на свеченоста д-р Јовица Угриновски, претседател на Федерацијата на планинарски спортови.
    Во разговори, дружење и веселба, поминаа планинарите неколку часови во овој прекрасен планински амбиент. На враќање планинарската колона ја зафати пороен дожд, но тие, планинарите, навикнати на вакви нагли промени на времето на планината, го продолжија симнувањето кон Старе Село. После кратко време сонцето повторно огреа за да заокружи уште едно убаво планинарско дружење.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира