СКОПСКИ КАРПОШ РАСПРСКУВА СРЕДСТВО ПРОТИВ ЗМИИ НИЗ ОПШТИНАТА

    СКОПСКИ КАРПОШ РАСПРСКУВА СРЕДСТВО ПРОТИВ ЗМИИ НИЗ ОПШТИНАТАСлужбите интервенираат со средството „репелент“, природен производ кој е безопасен за луѓето, животните и околината. (Фото: Општина Карпош)

    Скопската Општина Карпош на неколку локации од утрово поставува средство против змии. Службите интервенираат со средството „репелент“, природен производ кој е безопасен за луѓето, животните и околината, којшто придонесува за намалување на појавата на влекачи.

    „Откако беше спроведена редовната дезинсекција и дератизација, како и акција за спречување на појава на влекачи по населените места, Општина Карпош презема и дополнителни  мерки. Ова ефикасно средство содржи екстракција на етерични масла од тревки и дрвја, а дејствува на тој начин што шири мирис на свеж оган, при што ги одбива змиите да се приближат до одредена површина“, велат од Општината.

    Појавата на змии е карактеристична за повисоките места во општината како што се Жданец и Трнодол, населби кои граничат со шумско подрачје, и долж течението на реката Вардар. Појавата на влекачи во овие делови е резултат на покачените температури во скопската котлина, како и распространетата вегетација.

    „Овие два дена, ‘репелент’ се поставува во горепосочените места, како и околу градинките и дел од детските игралишта кои се попосетени. Ги повикуваме сите граѓани кои ќе забележат појава на змии во нивните населби, да ја контактираат Општината со цел да се делува на соодветен начин“, додаваат од Општината.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира