Португалската државна секретарка за европски прашања Ана Паула Закаријаш денеска во Лисабон кажа дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, одговарајќи на новинарско прашање на Бугарското национално радио.
Португалија уште утре претседава со ЕУ, а од 1 јули претседателството го презема Словенија. Во врска со спорот меѓу Македонија и Бугарија, за Словенија Закаријаш има порака дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и дека не треба да се внесуваат несогласувања во ЕУ.
„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов тие работат на нешто како патоказ, кој ќе им помогне да работат на тоа Бугарија да добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, многу е тешко, бидејќи ова е поврзано и со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите од нив пред да одлучат како да постапат“, вели Закаријаш.
Португалското претседателство учествуваше во преговорите да се отстрани бугарското вето за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија пред состанокот на Европскиот совет на 24-25 јуни, а имаше и португалски предлог за надминување на спорот, кој за Македонија беше добар, но за Бугарија беше неприфатлив.
„Не беше моментот погоден. На Бугарија ѝ требаше повеќе време да ги реши овие прашања со Северна Македонија“, вели таа.