Македонски Телеком се соочува со голем број кражби на кабли и подземна инфраструктура поради што се случуваат и прекини во услугите што ги обезбедуваат за своите корисници во Битола, соопшти компанијата. Кражбите зачестија во изминатите 30 дена и сите случаи се пријавени до надлежните органи.
„Работиме на расчистување на случаите и соодветно санкционирање на сторителите“, велат од МВР.
Последиците од ваквите појави, покрај компанијата, ги чувствуваат и корисниците кои остануваат без услуга, бидејќи е потребно време за санирање на направената штета, и покрај брзата реакција на техничките екипи. Мета на кражбите најчесто се бакарни кабли од подземната мрежа на Македонски Телеком и притоа се оштетуваат и пристапните шахти. Се верува дека кражбите се прават поради продажба на бакарот, кој има висока цена на пазарот.
„Досега има најмалку 10 случаи на оштетување и кражба во Битола и Скопје, со што станува јасно дека се работи за планирана активност“, додаваат од компанијата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА