Во Општина Сарај, во брдото над автопатот Скопје-Тетово и езерото Треска, се гради нова елитна населба. Денеска инвеститорите, премиерот Зоран Заев, министри од Владата, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети и градоначалниците Петре Шилегов и Блерим Беџети ја најавија новата населба во Скопје, велејќи дека „ќе понуди сосема нов концепт на живеење“.
Овој простор беше брдо со зеленило, а сега на површина од 15 хекрати ќе никнат 142 луксузни вили. Во моментов се изведуваат пристапните патишта, по што ќе почнат да се градат куќи кои ќе имаат поглед на езерото Треска. Инвеститори се Валдета Касапи која е креатор на проектот, Џемил Шабани сопственик на фирмата „Валмир компани“ и Самет Мисими сопственик на фирмата „Блеро фикс“.
„Населбата ‘Планет‘ ќе понуди нов дух на живеење, со нови стандарди и култура, без да се наруши распространетото зеленило. Се протега на површина од 15 хектари, со само 20 отсто искористеност на природниот потенцијал, оставајќи го другиот дел од просторот со зеленило во кое ќе уживаат жителите“, рекоа инвеститорите на денешната промоција на проектот.
Со проектот се предвидува и можност за изградба на трговски центри, градинка, библиотека, хелиодром, здравствени установи, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри.
Вредноста на инвестицијата е 28 милиони евра.
А. АНТЕВСКА