СУДОТ ОДБИ ДА ГО ВРАТИ РАШКОВСКИ ВО ШУТКА, ОТКАКО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДНЕНАДЕЖ ПАК ПОБАРА ПРИТВОР

    СУДОТ ОДБИ ДА ГО ВРАТИ РАШКОВСКИ ВО ШУТКА, ОТКАКО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДНЕНАДЕЖ ПАК ПОБАРА ПРИТВОРНа 4 јуни, Апелациониот суд донесе одлука Рашковски да биде пуштен од ефективен притвор во куќен притвор. (архивска фотографија)

    Тројца судии чии имиња не ги открива Основниот кривичен суд Скопје, вчера одбиле да го вратат во притвор Шутка поранешниот генерален секретар во Владата Драги Рашковски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК од судот доби само потврда дека кривичен совет од тројца судии ја одбил жалбата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое одненадеж побарало од куќен притвор, Рашковски да се врати во притвор.

    Судот не го дава решението за да се види која од мерките за претпазливост ја прекршил осомничениот, со што заслужил обвинителството да бара да се врати повторно во ефективен притвор.

    Но, и да види јавноста зошто првин судијата на претходна постапка, а потоа и тројцата судии од истиот суд како кривичен совет, не ги прифатиле доказите на обвинителството дека Рашковски ги прекршил забраните.

    Обвинителството вели одлуката е на судот и таму треба да се бараат одговорите на нашите прашања.

    Но, обвинители кои не работат на оваа истрага велат дека во пракса, услови кои не треба да се прекршат кога некој ќе биде пуштен од притвор да оди во куќен притвор, се: забрана за комуникација со другите осомничени/обвинети, и забрана за излегување од дома.

    Тоа наведува на заклучокот дека или Рашковски си зборувал, веројатно по телефон, со некој од осомничените во истрагите за софтверите што ги изумил, а потоа со околу 200 илјади евра си ги откупил со државни пари додека бил генерален секретар на Владата, или го напуштил домот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша полициски извори дали Рашковски го напуштил домот додека е во куќен притвор, но оттаму ни кажаа дека такво нешто нема, како и дека не се надлежни за други мерки на претпазливост.

    Надлежна за следење на телефонски и електронски комуникации на осомничени е Оперативно-техничката агенција (ОТА).

    САКАМДАКАЖАМ.МК нема начин да провери дали Рашковски ја прекршува забраната и си контактира со осомничени додека е во куќен притвор.

    Покрај софтверот за сообраќајни прекршоци, Рашковски купил и „систем за биометриска идентификација“ со државни пари во 2019, а сличен изум патентирал во 2013 година.

    Рашковски беше приведен на 16 април во рамки на истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци. Првично му беше изречен куќен притвор, но по жалбата на обвинителството, решението беше преиначено во ефективен притвор на 21 април.

    На 4 јуни, Апелациониот суд донесе одлука тој да биде пуштен од ефективен притвор во куќен притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира