Обвинителката Гордана Смаќоска, која денеска беше место шефицата Вилма Русковска, најави жалба на според неа ниските изречени казни за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година и рече дека е зачудена.
„Зачудена сум што судот спротивно на законот изрече далеку пониски затворски казни од пропишаните, минимум 10 години за вакво дело. За споредба, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за полесно кривично дело, за кое е пропишана казна до 10 години затвор доби казна од 7 години“, изјави Смаќоска по денешното изрекување на пресудите во Основниот кривичен суд Скопје.
За кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, судијата Илија Трпков за организирање на нападот на 27 април 2017 година денеска ги осуди поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски на 6 години и 6 месеци затвор, ексминистрите Ристовски и Јанакиески на по 6 години и 3 месеци, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на 6 години.
По изрекување на пресудата, судијата Трпков делумно го прифати предлогот на обвинителката Смаќоска од Обвинителството за организиран криминал и корупција за одредување притвор на сите четворица осудени.
Судот на Јанакиески не му одреди мерка притвор, останува во куќен притвор, а на Вељаноски, Ристовски и Атанасовски им одреди куќен притвор и забрана за комуникација, до правосилност на пресудата.
Трпков како доблесна страна на обвинетите, го истакна нивното пристојно и коректно однесување на двегодишниот судски процес, нивниот семеен статус, неосудуваноста досега.
Судот ги пишува решенијата за куќен притвор. Се чека да дојде полициска придружба да ги спроведе до дома Вељаноски, Ристовски и Атанасовски. Јанакиески си дојде со полиција, секако три години е нон стоп во притвор или во куќен притвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА