Теквондистот Дејан Георгиевски ќе се бори за златото во категоријата над 80 килограми на Олимписките игри во Токио, со што Македонија го обезбеди првиот олимписки медал по пауза од 21 година. Во финалето, што е на програмата од 14:45 часот, тој ќе се бори против Русинот Владислав Ларин.
Во полуфиналето, Георгиевски ја забележа својата најубедлива победа во досегашниот дел од турнирот, совладувајќи го Кјо Дон Ин од Јужна Кореја со 12:6.
На патот до полуфиналето, Георгиевски ги совлада актуелниот светски првак Рафаел Јуниер Алба Кастилјо од Куба со 11:8 и репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4.
Дваесет и двегодишниот Георгиевски е еден од двајцата македонски спортисти кои со норма се пласираа на Олимписките игри во Токио, покрај борачот Магомедгаџи Нуров.