Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека не постоела забрана за комуникација на осомничениот Драги Рашковски со другите осомничени во истрагата во случајот „Нелегална набавка на софтвер“ со купување сопствени иновации со буџетски пари. Односно, дека Oбвинителството за организиран криминал и корупција, при барањето за продолжување на куќниот притвор, барало само тој да не го напушта домот.
Соопштението на Кривичниот суд доаѓа по денешниот текст на САКАМДАКАЖАМ.МК „За Рашковски има строга забрана за комуникација со другите осомничени, иако Кривичниот суд рече нема кога одби да го врати во Шутка“.
„Во однос на тенденциозните обиди да се дискрeдитира работата на Кривичниот суд и да се манипулира со официјалните информации кои судот ги објавува, а се од интерес на јавноста и се во правец на транспарентно и отчетно работење, Кривичниот суд Скопје, уште еднаш, ја информира јавноста дека:
Предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за замена на мерката куќен притвор во ефективен притвор за Д.Р. – осомничен во предметот познат како „Нелегална набавка на софтвер“, од страна на Кривичниот совет е отфрлен како неоснован со оглед да со решението за продолжување на мерката – куќен притвор од 02.07.2021 година не опстојува дополнителна мерка – Забрана за комуникација со лица опфатени со кривично правниот настан или Забрана за употреба на средства за комуникација, што е евидентно и од самото решение на Кривичниот совет достапно во прилог“, соопшти Судот.
Неспорно е дека токму Кривичниот совет на овој суд, по добиена жалба на Јавниот обвинител, изјавена против решение на судија на претходна постапка, на 21.04.2021, ја уважил жалбата и мерката куќен притвор ја заменил со мерка ефективен притвор, потенцира Судот и посочува дека Апелациониот суд е тој што го пушти во куќен притвор:
„Мерката притвор од Кривичниот совет на 20.05.2021 година била продолжена за нови 30 дена, за на 04.06.2021 Апелациониот суд – Скопје да го укине решението на советот и да определи мерка – куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост. Но, на 02.07.2021, по предлог на надлежниот обвинител, од страна на Кривичниот совет, мерката куќен притвор е продолжена без дополнителни мерки за претпазливост, кое решение на советот е доставено до Јавниот обвинител и потврдено од Апелациониот суд Скопје“, тврди Основниот кривичен суд.
Поради тоа, вели, судот го одбил минатонеделниот предлог на Обвинителството Драги Рашковски веднаш да биде вратен во Шутка, кога го фатило дека комуницира со другиот осомничен и влијае на сведоците и на уништување на доказите. Обвинителот претходно не барал таква забрана, тврди Судот.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска е на годишен одмор надвор од Македонија. Се обративме во Обвинителството, но оттаму во нејзино отсуство ни дадоа само неофицијален одговор, што е повеќе насока.
„Забраната за оддалечување од домот и забраната за комуникација со обвинетите/осомничените од куќен притвор, во случај кога еднаш е дадена и потврдена од Апелациониот суд како што е во случајов, останува. Останува додека Апелациониот суд не ја тргне на посебна седница. Овие дополнителни мерки не се со рок, немаат рок на траење. Обвинителот не мора постојано да ја бара, на секое продолжување на притворот“, велат обвинителите со кои комунициравме.
Наспроти ова, Кривичниот суд го тврди спротивното, дека на барање на обвинителот тој останува во куќен притвор, без забрана за комуницирање.
Кој ја испушти таа дополнителна мерка – забрана за комуникација по телефон и по електронски пат, каде и како таа исчезна од куќниот притвор на Рашковски, засега останува неразјаснето.
С. К. ДЕЛЕВСКА