Агенцијата за храна и ветерина спроведе инспекциска контрола кај два увозника на кремови за готвење и бази за сладоледи од Струга и Струмица по добиеното известување за увоз на небезбедни производи во земјава.
Кај фирмата „Гајрет“ ДООЕЛ од село Лабуништа е утврдено дека увезениот производ од Италија, кремот за готвење „bravo cream cusima“, не е безбеден за консумација поради присуство на етилен оксид. Во магацинот на увозникот се затекнати 1.440 парчиња од овој производ со рок на употреба до 13 јуни 2022 и наложено му е да ги отповика/повлече од пазарот.
Кај операторот со храна ДПТУ „Агрома“ од Струмица е утврдено присуство на етилен оксид во неколку производи увезени од Италија. Станува збор за базите за сладолед „AI7YOS gold 50“ и „AI70XE aimara tuto kako“, растителниот крем за готвење „AV23AA master gourmet gold“ и преливот „AV20IQ master gourmet chef“.
Агенцијата апелира до потрошувачите кои ги набавиле овие производи да не ги консумираат и да ги вратат таму каде што ги купиле или нештетно да ги отстранат.
Вчера од продажба беа повлечени и сладоледите „кит кат“ и „милка“ бидејќи се небезбедни за здравјето на граѓаните. При контролата на Агенцијата за храна и ветерина во магацините на увозникот „АЛМА М“ било констатирано дека овие производи содржат етилен оксид.