Илјадници луѓе досега избегаа од своите домови на грчкиот остров Евија, додека пожарите неконтролирано горат веќе шести ден, а траекти подготвено чекаат за да евакуираат уште жители и туристи.
Додека стивнуваат пожарите во северните предградија на Атина, огнот на Евија брзо се разгорува на неколку фронтови, уништувајќи илјадници хектари шума во северниот дел на големиот остров.
„Сами сме, ни се ближи крајот“, изјави Јанис Коцијас, градоначалникот на загрозениот град Истиаја на Евија.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека ова е кошмарно лето за земјата, што се должи на најголемиот жежок бран во последните 30-ина години, проследен со високи температури и силни топли ветрови. На терен се распоредени повеќе од 1.000 пожарникари, но и припадници на армијата. Според Европскиот систем за шумски пожари, во изминатите десет дена изгорела површина од 56.000 хектари.
Во изминатите 24 часа избувнале десетици нови пожари, а освен Евија, голема површина е во пламен и на Пелопонез, вклучувајќи ја древната област Олимпија.
Еднакво тешка е ситуацијата во Турција, која се бори со најголемите пожари во историјата, додека Сицилија прогласи шестмесечна вонредна состојба поради пожарите.