АМЕРИКАНКА ГО ТУЖИ БРИТАНСКИОТ ПРИНЦ ЕНДРЈУ ЗА СИЛУВАЊЕ КОГА ИМАЛА 17 ГОДИНИ

    АМЕРИКАНКА ГО ТУЖИ БРИТАНСКИОТ ПРИНЦ ЕНДРЈУ ЗА СИЛУВАЊЕ КОГА ИМАЛА 17 ГОДИНИВирџинија Гифре снимена со принцот Ендрју во Лондон во 2001 година

    Американка која тврди дека била донесена во Велика Британија на 17-годишна возраст за да има секс со принцот Ендрју покрена граѓанска судска тужба против него, обвинувајќи го дека ја злоставувал. Вирџинија Гифре, која изнесе обвиненија и против сега покојниот сексуален престапник Џефри Епстајн, тврди дека била сексуално нападната од Ендрју во Лондон и Њујорк.

    Портпаролката на војводата од Јорк изјави дека нема да го коментираат случајот. Тој досега постојано ги негираше обвинувањата.

    Во тужбата се наведува дека принцот Ендрју имал секс со Гифре без нејзина согласност, при што тој знаел колку години има и дека е жртва на трговија со луѓе. Сега 38-годишната Гифре вели дека сето тоа продолжува да ѝ причинува емоционална и психолошка вознемиреност и болка.

    „Во оваа земја, ниеден човек, без разлика дали бил принц, не е над законот. Пред 20 години, моќта, богатството, позицијата и врските му овозможија на принцот Ендрју да злоставува исплашено, ранливо дете кое немаше кој да го заштити. Време е тој да одговара за тоа“, се вели во документите.

    Во интервјуто од 2019 година, принцот Ендрју децидно тврдеше дека ништо од тоа не се случило, додавајќи дека жали за дружењето со Епстајн, кој почина во затвор во 2019 година под сомнителни околности.

    Принцот Ендрју (61) е третото дете на Елизабета Втора и принцот Филип и деветти во редот за наследство на британскиот трон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира